Заменик градоначалникот на Охрид , Ангел Јанев денес присуствуваше во Геријатриското одделение при Општата Болница каде по повод Светскиот ден на хуманоста, Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Австралија, донира дваесет и два специјални душеци и машина за перење за згрижените во ова одделение. Во австралиската донација влегува и ново поставениот ламинат во дел од собите .
За вредната донација во име на градоначалникот на Охрид,се заблагодари заменик градоначалникот Ангел Јанев кој истакна дека Кога луѓето се во прашање- никогаш не треба да е доволно, секогаш помошта е добре дојдена.
„И овој пат , по кој знае кој пат, помошта од нашите од Мелбурн пристига на вистинско место, во геријатриското одделение при Општата Болница во Охрид. Геријатриското одделение при Општата Болница во Охрид има постојана потреба од луѓе, опрема или помагала. Одделението инфра структурно има потреба од проширување на нејзините постоечки капацитети, што како можност постои во рамките на сегашната локација. Директорот на Општата Болница , Љубен Арнаудов, заедно ,со градоначалникот Никола Бакрачески постојано прават напори за квалитетно згрижување на постарите лица. Оваа и другите вакви донации покрај хуманитарноста се настани полни со јасни пораки и постојани потсетувања од добрите луѓе, до сите нас“, потенцира Јанев.
Менаџментот на болницата очекува понатамошна соработка со социјалното друштво „Св. Наум Охридски“од Мелбурн – Австралија со цел подобрување на условите за живот за згрижените во Геријатрија.