Со претставата „Роденденот на господин Нушиќ“, од култниот српски автор Душан Ковачевиќ, во режија на Небојша Брадиќ а во изведба на театарот „Звездара“ од Белград, вечерва, со почеток во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“, во Охрид, ќе биде спуштена завесата од 54. издание на меѓународниот музичко – сценски фестивал „Охридско лето“.
„Роденденот на господин Нушиќ“, всушност, е една интересна биографска претстава со комични елементи. Заплетот почнува дента кога Нушиќ наместо на свечената церемонија во Народниот театар, оди на Скадарлија да ги види своите блиски пријатели. Денот е 6 ноември 1924 година, но тоа не е обичен ден, туку роденденот, 60 –ти на големиот писател. Една од најголемите вредности на претставата, како што велат од театарот „Звездара“, е што не е краткорочна приредба со примарна намена, туку е поставена да се игра и игра… и да се слави неговото име. Претставата дава слика на хумор и среќа од една страна, и ранливиот Нушиќ и неговата тага, од друга страна, по губењето на својот син единец во војната.
Драгиша Чургуз од театарот „Звездара“, на денешната прес конференција, рече дека со оваа претстава во Охрид, театарот слави 30 години постоење.
Тетарот беше создаден за афирмација на домашни автори, каков во тоа време беше и вашиот и наш Горан Стефаноски, покрај Мирослав Крлежа, но сепак најмногу е изведуван академик Душан Ковачевиќ, директор на театарот, кој и овој текст го има нашишано во името на славата на Нушиќ вели Чургуз.
Бранислав Лекиќ, еден од доаените на српското глумиште, со над 40 филмови и театарски игри зад себе и министер за култура на Србија од времето на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, вели дека е чест, но и одговорност да се игра Нушиќ, особено на фестивал каков е „Охридско лето“. За текстот на Ковачевиќ вели дека ја означува златната нитка на српската драмска литература.
„Дел од личната и заедничката судбина ја проектирав во овој лик. Нушиќ е тој кој најдлабоко продрел во самата суштина на човечкото битие, не само за Србија, туку и за поширокиот регион“, вели Лекиќ. Тој додава дека актерот треба да се занимава со душата на својот народ, а театарот да живее како лабораторија на човечкиот дух.
Актерот Драган Петровиќ, од Југословенско – драмско, денес професор на Таатарско-филмската академија, кој ја игра улогата на Спасоја, сопственикот на кафеаната, вели дека само неговиот лик-улога, се измислени, мегу реалните нушиќеви личности, што му дава слобода на изразување и креација.
Во претставата играат и млади актери, студенти на Академијата, кај професорот Петровиќ, додека Петар Бенчина, со своите 30 години е врсник на театарот. Затоа за него ова претстава е најсаканата што сака да ја игра, додека студентката Тамара Драгичевиќ, смета дека денеска актерите не можат да бираат улоги, се играат малку претстави, таа е невработена и посакува еден ден да се види како Госпоѓа министерка, од ковот на славната Љубинка Бобовиќ.
На прес конференцијата беше и селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски. Тој напомена дека и за фестивалот е чест што се вклучува со оваа претстава во одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Нушиќ, авторот кој на луциден и феноменален начин ги исцртува карактерите на балканските народи.
„Ова е од особено значење и за Република Македонија. Нушиќ е често изведуван во македонските театри, во Скопје, Битола и Штип, бил српски предвоен конзул во Битола – 1889. година а уште и заслужен за форирањето на театарот во Скопје – 1913“, вели Јолевски.
Брадиќ е режисер кој успешно ги усогласил сите елементи на претставата. Адекватната актерска екипа и драматургијата од тоа време, блескаво се пренесени и визуелно и музички. Небојша Брадиќ дипломирал театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Режирал повеќе од 70 претстави. Брадиќ е, исто така, прв добитник на наградата „Никола Пеца Петровиќ“ за најдобар југословенски театарски менаџер, но исто така, е наградуван и со многу други награди.