Во сабота ќе се одржи манифестацијата „Охридска софра 2014“

Годинешната туристичко промотивна манифестација „Охридска софра 2014“ ќе се одржи на 23 август ( сабота) кај манастирот „ Пресвета Богородица“ во Скребатно. Оваа традиционална манифестација ја организира општина Охрид со поддршка на Министерството за култура, како дел од проектот „ Топол културен бран“ и бројни спонзори и помагатели.

Целта на манифестацијата е да се промовираат традиционалните јадења од охридскиот регион, при што централно место ќе има натпреварот во подготвување ѓомлезе, како еден од највкусните специјалитети. За натпреварот се пријавени 24 учесници , а наградниот фонд е 20 илјади денари. Подготовката на ѓомлезето ќе започне пред девет часот, а посебна жири- комисија по два и пол часа ќе го дегустира подготвеното ѓомлезе и ќе ги соопшти победниците“- рече на денешната прес- конференција претставникот на Секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов.

ohridska_sofra_400

На „ Охридска софра“ , која официјално започнува во 10 часот во сабота, на посебни штандови ќе бидат презентирани мед, сирење, градинарски култури и други домашни производи, а студентите од Факултетот за туризам и угостителство ќе приготвуваат трационални јадења од охридскиот регион. Во забавниот дел двочасовен концерт ќе има групата „ Chalgia Sound System“ .

Ваквите промотивни манифестации, како што рече на денешната прес- конференција, претставникот на Секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов, посебен интерес предизвикуваат кај странските туристи. Токму затоа покрај претставниците на угостителско- туристичкиот еснаф и граѓаните , во сабота, во Скребатно се очекуваат и поголем број гости од странство кои престојуваат во Охрид.

За заинтересираните граѓани , организиран е бесплатен превоз од Лескоец до Скребатно во 9 и 10 часот , со враќање по завршувањето на манифестација „ Охридска софра“ .