Околу 120 нови вработувања ќе обезбеди новата инвестиција од 3,8 милиони евра на италијанската компанија „ИТЕК“ која денеска во ТИРЗ во Тетово ја почна изградбата на новиот производствен погон.
Фабриката ќе се протега на површина од околу 4.000 метри квадратни и е првата инвестиција во оваа ТИРЗ. Инвестицијата ќе се реализира преку компанијата „PRO COMP ADVANCE TECHNOLOGIES и планирано е да се отворат пет производствени линии на композитни профили за производство на стаклени и карбонски влакна.
Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на поставувањето камен-темелник, оцени дека се работи за значајна инвестиција со која ќе се обезбедат нови вработувања за луѓе од различна етничка припадност.
„Благодарение на новите инвестиции, извозот од зоните во државата во првите шест месеци од годинава изнесува над 550 милиони евра, а тоа значи дека е двојно зголемен во однос на првите шест месеци од минатата година. До крајот на 2014 година се очекува извозот од зоните да достигне вредност од над една милијарда евра, а таквите тенденции очекуваме уште повеќе да растат во иднина“, нагласи премиерот Груевски.
Новите фабрики, додаде тој, се и еден од главните двигатели за намалување на стапката на невработеност и, како што рече, работите се движат во добра насока.
„Интересот за Македонија е голем. Продолжуваме со активна промоција на земјата, разговараме и преговараме со голем број странски компании. Многумина од нив веќе ги објавија новите инвестиции и наскоро ќе почнат да ги градат новите фабрики: италијанската Диатек, американската Key Safety System, турската Веибо, германската Техникал текстил, британската Еуро БПО, германската ОДВ електрик, украинската Енергија, италијанската Монтанте груп, како и многу други,“ посочи Груевски.
Директорот на компанијата PRO COMP ADVANCE TECHNOLOGIES Роберто Оскири рече дека одлуката за инвестирање во Македонија ја донеле благодарение на поволните услови што им се нудат на странските инвеститори, малите бирократски постапки и ефикасната администрација.
„По неколку остварени средби со професионалци кои работат на територијата на Македонија кои ни објаснија дека земјата нуди одлични можности, решивме да ја реализираме оваа наша инвестиција и да отвориме погон кој за нас ќе има стратешко значење за настап на други пазари во развој“, рече Оскири.
Министерот без ресор за привлекување на странски инвестиции Висар Фида подвлече дека Македонија има направено значаен напредок во привлекувањето на странските инвестиции и оти странските компании веќе ја имаат ставено Македонија на нивната мапа.
„Република Македонија направи значаен напредок на економски план во изминатите неколку години кога во време на глобалната економска и финансиска криза постигнавме голем економски раст и голем прилив на странски инвестиции“, рече Фида.
Според министерот за економија Беким Незири, денешната инвестиција е значајна затоа што претставува заживување на заложбите за рамномерен економски развој, зголемување на вработеноста, подобар животен стандард, поголем извоз и зголемен девизен прилив.
Почетокот на изградбата на фабриката беше официјализиран во присуство на целиот економски тим на Владата, како и на министрите за надворешни работи Никола Поповски, министерот за Рамковен договор Муса Џафери и министерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.