Дваесет и двајца натпреварувачи од 14 земји ќе учествуваат на 28 -иот Пливачки маратон што утре ќе се одржи на патеката „Климе Савин“ од манастирот „Свети Наум“ до Градското пристаниште во Охрид.
На 30-километарската патека во водите на Охридското Езеро точно напладне ќе запливаат 16 мажи и 6 жени од Казахстан, Бразил, Аргентина, Италија, Белгија, Франција, Македонија, Германија, Чешка, Хрватска, Русија, Шпанија, …
„Го најавувам почетокот на 60-то издание на Охридскиот пливачки маратон. Ова е јубилејно издание со оглед на тоа што пред 60 години за прв пат во водите на Охридското Езеро на патеката од 2 и пол километри од Горица до Охрид беше одржано првото издание и оттогаш па навака се одржани 60 изданија во континуитет. И оваа година го имаме кремот на светското маратонско пливање на 30 километарската патека од Св.Наум до Охрид. Стартот ќе биде на пладне во 12 часот во Св.Наум, а пристигнувањето ќе биде на Кејот во центарот на Охрид, по отприлика 5 часа, каде што ќе бидат врачени наградите на првите тројца пласирани пливачи. Оваа година имавме интензивни подготовки заедно со Пливачката федерација на Македонија и со Сојузот на спортови Охрид во кои ја вклучивме пошироката експертска јавност, меѓутоа беа и како логистичка поддршка ангажирани јавните претпријатија на Локалната самоуправа, АРМ, МВР, министерството за транспорт и врски претставено преку Капетанијата, екипите на Црвен крст, секако и медицински тим. Очекуваме пливачкиот маратон да помине во најдобар ред и да се претставиме во најдобро светло. Воедно ќе кажам дека охридскиот пливачки маратон претставува гордост не само на градот Охрид туку и на цела Македонија и пошироко и претставува еден од амбасадорите на градот Охрид и претставува еден своевиден дел од туристичката понуда на Охрид во летниот период“. – истакна на денешната прес-конференција градоначалникот Никола Бакрачески.
„Задоволни сме што сме во Охрид за уште едно издание на ова натпреварување. Тоа е едно класично натпреварување од Гранд при сериите. Има голем број трки со долга и убава историја во спортот и овој маратон е еден од нив. Организацијата од која што сме дел и ние е одлична. Има многу работа за да го направиме овој настан успешен како и изминатите години. Сакаме да им се заблагодариме и на градот и на Општината за овозможувањето на овој настан“. – рече техничкиот делегат Џон Вест.
Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид бил одржан во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри.
„Оваа година бевме многу повеќе припремени отколку претходните години, сите стандарди кои што ги неметнува ФИНА ги исполнивме упте пред да дојдеме тука официјално, така што не очекува убава трка, безбедна пред се. Охрид тоа го заслужува, Охрид е репрезент како за градот Охрид и Македонија, така и за Пливачката федерација на Македонија. Ние сме препознатливи во Европа и во светот токму по Охридскиот пливачки маратон. Ве повикувам на стартот и на самиот финиш. Се надевам на што е поголем број на посетители и на мирно Езеро“. – рече техничкиот делегат Јане Карајованов.
Македонскиот фаворит за овој пливачки маратон Томи Стефановски, се надева ќе има пиедестал на оваа трка.
„Што се однесува на трката утре, ќе биде на највисоко ниво, како и што секогаш сме навикнати на Охридскиот маратон. Има 10 до 12 пливачи кои што ќе се борат за пиедесталот. Конкуренцијата ќе биде голема и ќе има огромна борба за пиедесталот. Што се однесува до мене, оваа година сум во форма. Голема желба ми е и оваа година да се качам пак во Охрид, се надевам дека ќе имам пиедестал и на мојата најдрага трка, само здравје да немам проблеми на трката, јас ќе дадам се од себе“. – рече Томи Стефановски.
Покровителот на манифестацијата, Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе ги додели наградите. Наградниот фонд за 28-от Пливачки маратон е 10.000 долари
„Се надеваме дека овогодишниот маратон ќе биде еден од најуспешните маратони досега. Би сакала да се обратам до македонската јавност да му дадеме поддршка на нашиот најдобар пливач во светот моментално, а тоа е Томи Стефановски“. – рече Елена Илиевска, претставник на Пливачката Федерација на Македонија.
Охридскиот пливачки маратон е една од знаменитостите на градот Охрид која што претставува навистина гордост за охриѓани, меѓутоа не само за охриѓани, туку и за цела Р.Македонија и претставува еден од спортските настани во Македонија кои се одржуваат секоја година кој ја собира светската елита на едно место, истакна градоначалникот Бакрачески.
„Охридскиот пливачки маратон претставува и туристички бренд на Охрид, односно дел од туристичката понуда на градот Охрид.“– додаде Бакрачески.
Градоначалникот вети дека почнувајќи од оваа година понатака Локалната самоуправа ќе прави максимални напори маратонот да добива се поголемо и поголемо значење онака како што кажа градоначалникот, на почетоците нашите претходници тоа го правеле, се со цел Охридскиот пливачки маратон навистина да стане светски познат бренд.
Охридскиот пливачки маратон е во организација на Меѓународната пливачка организација – ФИНА, Пливачката федерација на Македонија, Општина Охрид и Каптеанијата на пристаништата.