Римскиот театар на локалитетот Скупи, кој потекнува од 2 век од наша ера, целосно ќе се реконструира до 2017 година. Ќе бидат обновени сценската зграда и околу 10.000 седишта во гледалиштето, со што локалитетот ќе биде оспособен за културни манифестации.
На терен интензивно се работи под директна надлежност на Музејот на град Скопје и, според планот, оваа година треба целосно да се истражат амфитеатарот и сценската зграда, кои потоа ќе се реставрираат. Во ископувањата се откриени гробови и значајни наоди.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски го посетија локалитетот, кој е пранаселба на денешниот главен град. Тие се задоволни од активностите од овој капитален проект на Владата на Република Македонија.
„Римскиот театар беше покриен од големи наноси на земја и истражувањето беше многу сложено. Резултатите се огромни и видливи и, според динамиката и додека дозволуваат временските услови, оваа година ќе се заврши целокупното истражување на Римскиот театар. Интензивно се работеше и на сценската зграда на театарот и во септември ќе се изработи проект за нејзина конзервација“ – рече Канческа-Милевска.
Таа ги соопшти следните чекори од реализацијата на проектот за Римскиот театар во Скупи: во 2015 година ќе се прави конзервација на сценската зграда која има многу зачувани елементи, во јануари треба да се направи проект за целосна конзервација на гледалиштето на театарот од кој е откриен уште еден лак, а по изработката на проектот, ќе следува тендер за реконструкција. Се работи за голем театар кој имал околу девет до десет илјади седишта.
„Според планот, очекуваме кон крајот на 2016 и почетокот на 2017 година целосно да биде конзервиран, реставриран и ставен во употреба овој огромен римски театар. Тој ќе биде потврда за огромното културно наследство што го поседуваме и еден комплексен објект кој ќе привлече огромен број туристи и ќе понуди богата културна програма и различни манифестации што ќе се организираат на локалитетот“– додаде министерката за култура.
Скупи е прогласен за споменик на културата и е под надлежност на Музејот на град Скопје. Директорката на установата, Љубица Кондијанова, информираше дека се очекува потешко да одат реставрацијата и конзервацијата на гледалиштето, затоа што од автентичните седишта од вториот век, зачувани се само две. Тие ќе послужат како примероци кој камен е најсоодветно да се употреби при реконструкцијата.
„Двете седишта се зачувани благодарение на тоа што биле паднати во еден од коридорите, покриени со доста земја. Според наши сознанија, а тоа треба да се потврди, целиот тој материјал е однесен на Скопското кале, каде што се пронајдени исти такви камења. Анализите ќе покажат од кое место е носен каменот овде и оттаму ќе се потрудиме што поавтентично да биде прикажан театарот, а потоа и целиот локалитет. Тоа е и главна цел за нас како археолози, конзерватори и реставратори“ -истакна Кондијанова.
Покрај истражувањето на објектите на локалитетот, најдени се и артефакти од неколку периоди. Предметите се конзервираат паралелно со истражувањата на терен.
„При ископувањата се откриени интересни и значајни наоди. Меѓу нив би ги издвоил праисториските наоди на два гроба од железно време, потоа над 50 гробови од средновековниот период датирани со монети, над три и пол илјади предмети кои ги инвентариравме, кои се конзервирани и чекаат да бидат изложени пред јавноста“ – рече Антонио Јакимовски, раководител на истражувањата на Скупи.
Градоначалникот Коце Трајановски се заблагодари на Владата и на Министерството за култура што го финансираат истражувањето на Скупи.
„Задоволство ќе биде во првата половина на 2017 година да ги имаме првите културни настани овде, во амфитеатарот Скупи. Се наоѓаме на огништето на старото Скопје и затоа Скупи е од огромна важност за историјата на градот Скопје, од каде што потекнуваме и од каде што градот почнал да се развива. Тоа ќе придонесе и за поголема културна афирмација на Скопје“ – рече Трајановски.