Министерството за внатрешни работи во соработка со Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Јавното претпријатие за Државни патишта, продолжуваат заеднички да ја спроведуваат сообраќајно воспитно-едукативна акција, „Летна кампања 2014 година“. За таа цел министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на наплатна рампа Петровец-Скопје подели едукативно-информативни материјали (флаери) наменети за домашните возачи учесници во сообраќајот.
Согласно програмата за реализација на оваа кампања, целна група на денешнава акција се домашните возачи учесници во сообраќајот при што од денеска на патарините во Република Македонија ќе отпочнат да се делат 50 000 флаери со наслов „Кога тргнуваш на пат во лето.“ Истите се со цел да ги потсетиме домашните возачи дека како учесници во сообраќајот се најодговорни да ги извршат сите потребни подготовки за безбедно да стигнат на планираната дестинација, да возат безбедно за да придонесат сите да се чувствуваме и бидеме побезбедни на патиштата во Република Македонија.
Инаку во текот на првото полугодие од 2014 година, на патиштата во Република Македонија се случиле вкупно 1.716 сообраќајни незгоди со потешки последици додека пак само во месец јули оваа година во сообраќајни незгоди загинаа 19 лица, што е идентично со бројот на загинати во јули минатата година. Сo ова се потврдува фактот дека најголем број на загинати во сообраќајни незгоди има во летните месеци јули и август.
Во изминатиот период Министерството за внатрешни работи спроведе зајакнати контроли при што од 08.08 до 18.08.2014 година беа алкотестирани 2568 возачи, од кои утврдено е присуство на алкохол кај 298, исклучени од сообраќај беа 226 возачи, времено се одземени 178 возачки дозволи и 1514 возачи ја пречекориле дозволената брзина.
За таа цел, Министерството за внатрешни работи продолжува со реализација на предвидените превентивни кампањи како и соглано законските надлежности со низа мерки и активности за зајакнати контроли во сообраќајот пред се заради создавање на навика и одговорност кај учесниците за почитување на правилата и прописите од сообраќајот.