Учесниците на Школата за млади лидери во посета на општините Охрид, Вевчани и Ресен

Учесниците на петтата по ред Школа за млади лидери, што по иницијатива на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, се одржува во Охрид, денеска, поделени во три групи, ги посетија општините Охрид, Вевчани и Ресен.

Пред младите лидери беше претставена работата на општините, предизвиците со коишто овие три локални самоуправи се соочуваат во својата работа, предностите и недостатоците, но и потенцијалот со којшто располагаат.

По одржаните презентации, младите лидери, со своите ментори ќе предложат одржливи решенија за претставените проблеми, а предлог-проектите ќе им бидат доставени до градоначалниците на овие три општини.

„Целта на една ваква практична работа е сите наши потенцијални млади лидери, кои што се дел од петтата по ред Школа за млади лидери, да се стекнат со практични вештини, кои што подоцна, во својот професионален живот, ќе можат да ги применат. Ние знаеме дека населението во општините се соочува со секојдневни проблеми, меѓутоа тие секојдневни проблеми треба да ги решаваме. Затоа уште денес треба да ги подготвуваме младите лидери, да инвестираме во нив, за да утре, кога ќе дојдат на едни такви позиции во своите места на живеење, да можат полесно да се снаоѓаат”, изјави д-р Гордица Каранфиловска, координатор на Школата за млади лидери, при посетата на општина Охрид.

„За нас како општина Охрид ова е средба е значајна затоа што можевме да размениме искуства со млади луѓе, луѓе коишто допрва ќе имаат обврска да го водат ова општество. Се надевам дека заедничката размена на искуства ќе биде одлична можност и за нас и за нив да видат како во пракса функионира една локална самоуправа, со сите предности и недостатоци, проблеми и предизвици со коишто ние се соочуваме”, изјави секретарот на општина Охрид,  Димитар Спасески.

За дел од учесниците на Школата за млади лидери, ваквиот тип на посети на општините дава можност за стекнување на практично знаење, што ќе можат да го применат во својот професионален живот.

„Оној аспект што особено ми се допаѓа е што досега на школата имавме тренинзи од извонредни предавачи, меѓутоа овој дел што можеме практично да одиме и да видиме со кои работи се соочуваат луѓето на локално ниво за мене е од клучно значење. Ја поддржувам оваа активност и сакам да видам како и јас можам да имам бенефит, меѓутоа и да дадам на пошироката заедница”, изјави Олимпија Христова – Заевска, учесник на Школата за млади лидери

„За мене оваа Школа е од огромно значење, особено од мотивирачки аспект. Ја поздравувам оваа одлична идеја на претседателот Иванов и се заблагодарувам за можноста да бидеме дел од неа. Посетата на општина Охрид, навистина е сосема поинакво искуство. Тука можеме на лице место да видиме кои се проблемите на општината, граѓаните со кои проблеми се соочуваат, да понудиме некои одговори и решенија за тие проблеми. Знаењето што го стекнавме во изминатите неколку дена на теоретска основа, сега можеме да го применеме во пракса, значи да се докажеме на реално поле и да покажеме колку сме подготвени да бидеме лидери”, изјави Стефан Ѓурасовиќ, учесник на Школата за млади лидери.

На петтата по ред школа за млади лидери, што од 19 до 28 август се одржува во Охрид, учествуваат вкупно 40 учесници и 20 предавачи од Македонија, Европa, САД, Канада и Кина.

Идејата на Школата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности.

Програмата опфаќа предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични лидерски вежби.

Во изминатите четири години на Школата учествуваа 150 млади луѓе и над 100 предавачи, меѓу кои амбасадори, функционери од Европската Унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании, професори од реномирани светски универзитети.

lideri_ohrid02