Општина: За каква фалсификувана историја пишуваат од СДСМ во нивното соопштение?

Во врска со соопштението на СДСМ, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески со чудење го прими соопштението на СДСМ Охрид и може само со жалење да констатира дека со ова соопштение се потврди дека оваа партија е крајно сериозна во ставовите кои сега и на писмено официјално ги пласира во јавноста во форма на официјален став дека името Македонија не треба да го носи кејот во Охрид, со што и официјално се изгуби секоја надеж дека официјалниот став на СДСМ ќе е макар малку поразличен од оној кој го имаа само три советници од оваа партија во советот.

Со жалење можеме да констатираме дека изјавите кои советниците ги даваа од говорницата, а со кои се противеа на името Македонија, го бранеа диктаторот Тито, па дури отидоа до таму што го спомнаа и Хитлер тврдејќи дека германците денес не се срамеле од него, не биле само непромислен настап на поедини советници туку сега се преточиле и во официјален став на оваа партија.

Што се однесува до тврдењето дека со ова се прави омаловажување и понижување на лицата кои се вградиле во историјата на Македонија, Градоначалникот повторно мора јавно да ги потсети луѓето од СДСМ дека омаловажувани и понижувани имало, токму во времето кога владеел Тито, кога секој кој се залагал за Македонија, или кажал убав збор за Македонија во кафеана, берберница, или запеал родољубива песна за нашите војводи на домашна слава, завршувал во казаматот на Голи Оток, понижуван и недостоинствено мачен, а не се малку и оние кои биле стрелани заради љубовта кон нашата земја и борбата за независна Македонија .

Тука Градоначалникот мора и јавно да го постави прашањето пред целата јавност:

-За каква фалсификувана историја пишуваат од СДСМ во нивното соопштение? Дали е тоа историјата која ја напишаа во канцелариите на Комунистичката партија на Југославија, или онаа која ја знае целиот научен свет и е признаена од академиите на науки од Лондон, Париз, Вашингон, Истнабул и Москва ?

Во таа која Вие ја браните и на која се повикувате се наоѓаат фалсификуваните историски извори, додека во академиите кои погоре ги спомнав, а на кои се повикува и Би Би Си во своите документарци, е напишана историјата заснова на релевантни историски факти, докази и документи, и според академиите погоре, Јосип Броз Тито е еден од десетте најголеми диктатори на светот, на сите времиња.

Токму тоа се универзални историски факти и вистини кои во цел нормален свет се прифатени за вистина, и секако како вистина се третираат и во Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Подгорица, Приштина и во Скопје.

По се изгледа единствено во Охрид, во редовите на опозицијата останаа луѓе кои не знаат што кажува светската научна мисла, сеуште ја читаат историјата од Кумровачките школи и сеуште живеат во времиња кои се одамна поминати, од кои сите напредни нации се оградија, ги избришаа трагите и се свртеа кон вистината и иднината.

За крај само ќе прашаме, за каков срамен и недостоинствен настап на Градоначалникот од говорницата зборува СДСМ?

Градоначалникот на Охрид само го врати достоинството на говорницата, од која пред тој да настапи охридската јавност имаше прилика да слушне дека денешна Герминија не се срамела од Хитлер иако тој бил масовен убиец и убил милиони луѓе.

Градоначалникот Бакрачески со неговите ставови само го исчисти цивилизацискиот срам кој советници од редовите на опозицијата го направија на истата говорница , зборувајќи за Хитлер како нешто од кое денес не се срами една од најнапредните демократии на светот – Германија.

Сосема очекувано беше дека СДСМ ќе реагира со соопштение и коментари по социјалните мрежи, бидејќи во моментот кога Градоначалникот ја напушти говорницата нивните советници во ситуација кога немаа ни факти, ни аргументи, ни знаење, па дури ни храброст да се спротистават, останаа засрамени во молк, како мали деца кога ќе ги покара учител,па дури после три дена стигнаа да пратат соопштение.

Колкав ли интелектуален труд вложиле во ова соопштение кое има пет реченици, а е испратено цели три дена после седницата за која во него пишуваат? Толку ли време им требеше во СДСМ за ова да успеат да го напишат и испратат до јавноста?“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.