Сениорската репрезентација на Македонија успешно го изоде и последниот чекор од Квалификациите за Евробаскетот 2015. Со победа над Белорусија во Скопје од 72-66, избраниците на Александар Џикиќ осигураа четврто учество по ред на собирот на најдобрите репрезентации на „Стариот Континент“.
Со нова одлична тимска игра и стил кој стана веќе препознатлив за нашиот национален тим во овие квалификации, Македонија одржуваше контрола врз резултатот во текот на целата средба против Белорусија. Во првата четвртина со поените на Бојан Трајковски, Македонија поведе со 17-8, а во вториот период по реализацијата на Марко Симоновски и со први двоцифрени 28-17. Белорусија со чести обиди за реализација од далечина успеваше на моменти само резултатски да се приближи, но нашите кошаркари во ниту еден момент не ја загубија контролата врз играта. На полувреме се замина со 40-34 за Македонија, за во третата четвртина, со брилијантна одбрана и агилен напад со брзи реализации, нашите кошаркари да стигнат и до 20 поени разлика (54-34).
Сепак, следуваше период на неколку минути без реализација во нашата репрезентација, Белорусија го искористи да се доближи, но не и посериозно да се закани на победата на Македонија. Четвртата четвртина засебно ја добија гостинските кошаркари (23-15), но Македонија успешно ја одржа високата разлика која порано ја создаде и заслужено славеше со конечни 72-66.
Дури десетмина кошаркари од нашата репрезентација се запишаа во листата на стрелци, а минутажа од селекторот Џикиќ добија сите 12 играчи во составот. Ричард Хендрикс со дабл-дабл од 12 поени и 10 скокови беше најефикасен во нашиот тим, додека Дамјан Стојановски со 13 поени беше најдобар стрелец. Двоцифрен беше и Војдан Стојановски со 11 постигнати поени. Кај Белорусија, најистакнати беа Ситник со 18 и Лиутич со 16 поени.
Оваа победа го осигурува пласманот на Македонија на Евробаскетот 2015 година, од второто место во квалификациската група, каде иако имавме ист број на бодови со првопласираната Белгија и еднаков кош-количник во меѓусебните дуели, на крајот завршивме со нешто послаба вкупна кош-разлика. Победата на нашите кошаркари го задржува континуитетот на настапи на елитните европски натпреварувања за нашата земја, а учеството следната година ќе биде веќе четврто по ред и вкупно петто во историјата (досега Македонија играше на Европските првенства во Франција 1999, Полска 2009, Литванија 2011 и Словенија 2013). На големиот успех се придодава и фактот што во текот на квалификациите, се промовираа повеќе млади кошаркари во нашата репрезентација, кои покажаа дека можат да го продолжат континуираниот развој на кошарката во нашата земја, поставувајќи цврста основа за нови големи успеси и во иднина.
„Ќе играме на Европското првенство следната година, што значи дека сите треба да бидеме задоволни. Го задржавме континуитетот на играње против најдобрите европски селекции. Сепак, морам да кажам уште еднаш – не сум презадоволен бидејќи знам дека овие момци можат повеќе. Проблемот е дека тие не знаат, но ќе научат, со време. Кога ќе научиме некои есенцијални работи во кошарката, тогаш ќе бидеме уште подобри. Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе кои беа со оваа репрезентација во текот на подготовките и натпреварите. Почнавме како една целина, како тим и успешно завршивме на истиот начин“, изјави на прес-конференцијата по мечот селекторот Александар Џикиќ, придружен од целокупната репрезентација вклучително сите играчи и комплетниот стручен штаб.
Со ова се стави точка на овогодинешните активности на Сениорската репрезентација, со најава за амбициозен пристап на Евробаскетот 2015 година. Местото на одигрување на континенталниот шампионат, спред информациите, ќе биде познато на почетокот на септември. Августовските квалификации ја дополнија листата на учесници на Евробаскетот, која по денешниот ден го доби својот конечен изглед. На него, покрај Македонија ќе настапат и: Шпанија, Украина, Естонија, Франција, Словенија, Хрватска, Литванија, Србија, Финска, Грција, Турција, Летонија, Израел, Босна и Херцеговина, Белгија, Грузија, Чешка, Германија, Холандија, Полска, Италија, Русија и Исланд.