Груевски: Берлин и Брисел со јасна намера за решавање на проблемите на земјите од регионот

„Има јасна намера кај Германија, но и кај Европската комисија повеќе да влијаат и да се вклучат во олеснувањето на разрешување на различните проблеми со кои се соочуваат државите во регионот“, изјави македонскиот премиер Никола Груевски по Самитот Германија ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Берлин.

„Состанокот го оценувам како мошне добар. Имавме прво два часа средба ние шесте премиери од земјите од Југоисточна Европа со канцеларот на Германија Ангела Меркел на којшто јас во најмалку два навратa дискутирав и во политичкиот и во економскиот дел. Во политичкиот дел за Македонија главно беше спомнато за проблемот што ни го има отворено нашиот јужен сосед пред повеќе од 20 години. Практично тоа беше единственото што се спомна во делот на политиката и што беше нагласено, за што се разговараше и за што се потенцираше дека е добро да се реши колку што е можно побрзо бидејќи тоа е клучниот проблем зошто Македонија ги нема започнато преговорите за членство во Европската унија и тоа не е тајна“, истакна Груевски.

Мислам дека и овде во Берлин и во Брисел, рече македонскиот премиер, веќе имаат јасно формирано слика дека стоењето во место во однос на решавање на ова прашање во моментот најмногу доаѓа од причина што нашиот јужен сосед не е подготвен да разговара за изнаоѓање решение заради други проблеми што тие ги наведуваат, но сепак прашањето стои.

„Проблемот стои, ние најмногу го чувствуваме и од тој аспект на состанокот беше изразена надеж дека ќе се работи повеќе во наредниот период и дека и другата страна ќе биде поактивна да се разреши ова прашањ“, посочи премиерот Груевски.

Додаде дека дискутирал и за економските проекти и за македонските развојни планови што, како што посочи, е она што од крупните проекти сега се прави.

„Кај нас се градат три автопатишта во три различни правци, делови од коридори, се гради една железница кон Бугарија. Во план е и градба на експресен пат кон Бугарија и други проекти, енергетски проекти, така што ги спомнав и нив. Ги напоменав и идните планови како што е железница кон Албанија, за која што сега преку ИПА-средства се пристапува кон изработка на проект. Сите други наведоа што се нивни регионални проекти, значи планови за поврзување дали е тоа енергетска, дали е транспортно во смисла железничко или автопатско решение“, рече македонскиот премиер.

На состанокот станало збор и за потребата од создавање добра бизнис клима бидејќи, како што било потенцирано, економиите не може да се движат напред само со инфраструктурни проекти.

„Економиите може да се движат меѓу другото и со добра бизнис-клима, а за добра бизнис- клима една од клучните работи е владеење на правото и тука Македонија прилично добро стои. Тоа не е нешто што не се спомнува, напротив беше и спомнато од неколкумина присутни дека Македонија е добар пример за привлекување странски инвеститори, а јасно е дека за да се привлечат странски инвеститори треба да имаат одредена сигурност, да не речам комоција во однос на условите во државата за правење бизнис, вклучувајќи го и владеењето на правото“, истакна премиерот Груевски по состанокот во Берлин.