Активности за заштита на ранохристијанската базилика во с. Радолишта, Струшко

Стручните екипи на Националната установа Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга ги започнаа активностите за увид на состојбата на ранохристијанската базилика во с. Радолишта, Струшко, една од четирите базилики од овој период во Струшко, по што следната година ќе пристапат кон конзервација и реставрација на овој исклучително значаен споменик, датиран кон крајот на 5 век и почетокот на 6 век. Овие активности се предвидени во програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

MX-2_640Базиликата во Радолишта во науката е позната и по мозаиците кои имаат исклучителна вредност, т.е. иконографијата на претставените мотиви и композиции се вбројува меѓу најзначајните и најрепрезентативните во Р. Македонија, па и пошироко, од периодот на 5-6 век. Овие мозаици се дел во сите позначајни светски публикации кои го промовираат и го проучуваат периодот на раното христијанство.

Ископувањата на овој споменик се одвивале во текот на 1951 година кога е откриен дел од трикорабната базилика, како и 15 гробови врз остатоци на базиликата. При наредниот зафат од 1976 до 1980 г. базиликата е целосно откриена, со три кораби, нартекс, анекси, крстилница и уште 121 гроб, кои по стратиграфијата и прилозите се датираат од 7 до 14 век од н.е. Реконструиран е и дел од архитектурата, стопите и крстилницата, како и одделни партии од подот. Поминат е подолг временски период од кога се направени овие првични зафати, така што овој споменик на културата е оставен на забот на времето и е во многу лоша состојба.

Базиликата се наоѓа источно од с. Радолишта, на 500 метри од магистралниот пат за Ќафасан, во непосредна близина на Охридското Езеро. Локалитетот се вика „Цигански гробишта“.

struga bazilika2