Премиерот Груевски се сретна со германскиот пратеник Торстен Фрај

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, оствари средба со Торстен Фрај, пратеник во германскиот Парламент од редовите на ЦДУ/ЦСУ чиј лидер е германската канцеларка Ангела Меркел, и главен известувач за регионот на Југоисточна Европа за пратеничката група на оваа партија.

Соговорниците дадоа позитивна оценка за билатералните односи кои се развиваат во духот на пријателството и заедничката соработка, и за одличната политичка и економска соработка меѓу двете земји.

Премиерот Груевски ги истакна реформите кои се спроведуваат од страна на Владата за унапредување на стандардите во општествените сфери. Притоа ги акцентираше економските реформи чија цел е привлекување на странски инвестиции, зголемување на вработеноста и економскиот стандард на граѓаните, и зголемување на економскиот раст и развој на земјата.

Премиерот Груевски се осврна и на реформите во судството чија имплементација започна минатата година, а со кои се овозможува обезбедување на поголем квалитет во образованието на идните судии, се предвидува систем на оценување на судиите, и се пропишуваат транспаренти процедури за изборот на судиите и за кариерен напредок во судството. Беа споменати и реформите во јавната администрација кои се законски обезбедени и кои ќе се имплементираат со почетокот на следната година со кои се предвидуваат услови за влез и кариерен развој во администрацијата на најквалитетните и најспособните кадри и подигнување на нивото на ефикасност и ефективност на административците.

Соговорниците ја истакнаа определбата на Република Македонија за членство на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО алијансата, и поддршката која Сојузна Република Германија ја дава во спроведувањето на реформите и за реализација на овие цели. Соговорниците се согласија дека за надминување на отвореното прашање со нашиот јужен сосед е потребен конструктивен и посветен однос од сите страни кои се вклучени во процесот за решавање на спорот.

Двајцата соговорници истакнаа дека сите субјекти треба да работат на реформите, да ги почитуваат изборните резултати и волјата на народот, а политичкиот дијалог да се обезбедува со конструктивен и одговорен однос во рамките на институциите што ќе биде од значење за интеграциите на нашата земја.

Германскиот пратеник Фрај даде позитивна оценка за економските реформи, економскиот раст и економските резултати на Република Македонија, и ја истакна позитивноста од реформите кои ги спроведува македонската Влада на полето на образованието и останатите прогресивни политики кои се спроведуваат во нашата земја. Тој ја изрази и својата и поддршката на неговата партија во понатамошното интензивирање и продлабочување на политичката и економската соработка и соработката на полето на инвестициите помеѓу двете земји.

gruevski_g_48