Општина Охрид, односно локалната самоуправа наскоро ќе го објави овогодинешниот оглас за стипендирање на талентирани ученици и студенти, најави денес охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески.
„Како што најавивме минатата година , оваа година ќе ја прошириме листата на кандидати кои што ќе се стекнат со право за добивање на стипендија и тоа според следната бројка: 15 стипендии за основци, 20 за средношколци и 30 за студенти кои се запишани на факултетите во Република Македонија. Со ова сакаме уште еднаш како и минатата година да дадеме поттик и поддршка на сите оние ученици и студенти кои што се навистина талентирани, вредни и квалитетни да продолжат да вложуваат во своето образование во стекнувањето на нови знаења и во напредокот, се со цел да ги поттикнеме истите тие луѓе и во иднина да бидат носители односно столбови кои ќе ги носат важните одлуки кои ќе бидат од суштинско значење за општина Охрид“ , изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Проектот за стипендирање на талентирани ученици и студенти е по иницијатива и со заложба на Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и за прв пат се реализира минатата година кога финансиска поддршка Општината даде на 20 ученици во основните и средни општински училишта и за 20 студенти од Охрид со висок просек на факултетите.