СВР-Скопје изминатата недела спроведе зајакнати сообраќајни контроли на подрачјето на главниот град при што санкционирани се вкупно 800 учесници во сообраќајот за сторени прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот.
Кај 51 возач е утврдено дека управувале возила под дејство на алкохол, потоа 61 лице управувале возила со измината важност на сообраќајната дозвола, без возачка дозвола управувале 32 возачи.
Исто така, кај 57 лица е утврден сообраќаен прекршок за поминување на црвено светло, 56 возачи управувале возила со брзина над дозволената, 25 возачи управувале возило со над 90 км на час во населено место. Порај ова изречени се седум прекршоци за некористење на сигурносен појас, 42 прекршоци за зборување на мобилен телефон, потоа 27 прекршоци за паркирање во зона на крстосница, автобуска постојка и пешачки премин, 216 прекршоци за неправилно и непрописно паркирање, за недавање на првенство на минување на пешаци изречени се седум прекршоци, четири прекршоци за непрописно престројување, за непрописно престигнување изречен е еден прекршок, а прекршочно се казнети и 58 пешаци и со пајак службата подигнати се вкупно 229 возила.
СВР-Скопје и понатаму ќе продолжи со зајакнати сообраќајни контроли по однос на прекршоци кои доведуваат до сообраќајни незгоди и апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се намалат сообраќајните незгоди.