Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, ги посети штитениците во Домот за деца без родители „11 Октомври”.
Во рамки на посетата, Спасов го најави новиот проект наменет за оваа категорија и истакна:
„Како Министерство за труд и социјална политика продолжуваме со реализација на проекти кои што се насочени кон поголема помош и поддршка на децата без родители и родителска грижа и лицата кои што до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа. Имено, денес започнува новиот проект на Министерството за труд и социјална политика за Бесплатни обуки за компјутери и англиски јазик за оние категории на деца и на лица кои до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа”, рече Спасов.
Тој посочи дека Министерство за труд и социјална политика обезбедува вкупно 400 обуки за англиски јазик и 400 обуки за Microsoft Office, Word и Excel и Microsoft Windows оперативен систем. Обуките ќе траат 2 месеци, вкупно 32 часа по 45 минути, кои ќе можат да се реализираат во сите градови низ Република Македонија.Притоа нагласи дека посебен приоритет ќе имаат децата кои се згрижени во згрижувачки семејства, децата кои што се згрижени во установите во Република Македонија кои што се за овие деца, исто така и за оние млади кои се до 29 години и се сеуште невработени.
„На овој начин сакаме да ги подобриме вештините на овие деца и лица за англиски јазик и за компјутери кои што се повеќе неопходни меѓутоа и основна работа која што треба да ја познаваат со цел во иднина да можат да се вработат а и генерално и во целото општество потребно и неопходно е познавање на компјутери и англиски јазик. Како надлежно министерство продолжуваме со реализација и на останатите проекти кои што ги започнавме а се во насока на зголемена поддршка на овие категории, односно паричната помош месечна од 12.000 до 24.000 денари за студирање, магистерски студии, па и докторски студии за овие деца. Исто така продолжуваме и со зголемената еднократна парична помош од 180.000 денари после напуштање на установите, како и со реализацијата заедно со Министерството за транспорт и врски за обезбедување на станови за овие категории на граѓани и останатиот број на проекти кои што се во насока на голема поддршка на овие лица”, заврши Спасов.