Единица за економски и компјутерски криминал во ОЈО Скопје со кривична пријава ги предаде лицата Ј.П.(62), И.Ч.(46) и П.К.(53), сите од Скопје, за сторени кривични кривични дела „Затајување“ и „Злоупотреба на службена положба и овластување“ а во врска со пријавена кражба тешка над 200.000 евра од една домашна банка.
Oд страна на Судија во претходна постапка на првопријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на второ и третопријавениот им е изречена мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, привремено им се одземени патните исправи и обврска повремено да се јавуваат на надлежен државен орган.
Имено, првопријавениот како главен трезорист во банката, а второпријавениот како трезорист и третопријавениот како одговорно лице за имот и безбедност, кое меѓу другото бил одговорен за полнење на надворешните банкомати на подрачјето на град Скопје, во неколку наврати – еднаш наврат во јуни, еднаш во јули и девет пати во август годинава, од банкомати – сите на подрачје на град Скопје, присвоиле вкупно 13.568.500 денари од централниот трезор на банката, кои им биле доверени во работењето.
Полнењето на банкоматите се вршело така што второпријавениот и покрај тоа што касетките за банкоматите требало да ги полни под видео надзор во просторијата за броење (бројачница) и во присуство на другите трезористи, полнењето го вршел сам во соседна, физички одвоена просторија, без видео надзор и таму повторно сам ги затварал касетките. Истиот, не сочинувал спецификација за банкнотите со кои ги полнел касетките, ниту некаков документ како потврда дека во нив го ставил износот на стандардно полнење во вредност од 2.250.000 денари. Исто така, не ги пломбирал сите касетки и покрај тоа што задолжително требало да ги предаде заклучени и пломбирани за безбеден транспорт до банкоматот.
При примопредавањето, не ги заведувал броевите на пломбите на касетките кои што ги пломбирал и не ги проверувал броевите на пломбите на касетките кои што му биле враќани назад во трезорот на банката. На тој начин оставал простор за замена на касетките (односно да не бидат вратени во трезорот истите касетки кои што биле ставани претходно како полни за конкретен банкомат) и простор за манипулација, “порамнување“ на износот кој е во касетките, односно изготвување на фиктивни Записници за состојбата на банкоматите кои потоа биле користени за срамнување со состојбата на готовината во трезорот.
Третопријавениот, пак, кој бил задолжен за полнење на надворешните банкомати на банката во Скопје, во содејство и во договор со второпријавениот и врз основа на математички пресметки, иако знаел дека во касетките кои ги става во банкоматите, не е содржан стандардниот износ за полнење, лажниот износ на пари го внесувал мануелно (софтверски) како стварна состојба на парични средства во банкоматот кој го полни, а која што не соодветствувала со вредноста на паричниот износ реално внесен во касетките. Притоа, во слиповите-извештаите кои што ги принтал од банкоматот, немало никакви не совпаѓања на состојбата, такашто кршејќи ги стандардните процедури на полнење, противправно во континуитет, присвојувал парични средства кои што му биле доверени во работењето.
Првопријавениот Ј.П. како главен трезорист бил должен да го организира работењето во трезорот и меѓу другото да врши контрола на спроведувањето на пропишаната процедура за полнење на банкомати, особено на оние активности и постапки кои што се однесувале на полнењето на надворешните банкомати на банката во Скопје. Меѓутоа, со неспроведувањето на должната контрола од негова страна било овозможено полнењето на касетите за банкоматите да го врши второпријавениот сам, без видео надзор и без да приложи спецификација за внесените банкноти по апоени и без никаква контрола и проверка повторно сам да ги затвара касетките без да ја стави задолжителната пломба и да го заведе нејзиниот број во книгата за примопредавање на банката и на агенцијата за обезбедување, со што се остава простор за математичко подесување на износот во касетките. Исто така, не правел контрола при пребројувањето на паричните средства од вратените касетки, ниту пак воспоставил контролен систем за утврдување дали вратените касетки од банкоматот кој бил наполнет се оние кои што се извадени од него. Пребројувањето го вршел повторно второпријавениот И.Ч. сам без видео надзор и без изготвување на спецификација за констатирана состојба и утврдената вредност усно му ја соопштувал. Врз основа на неверодостојна и математички пресметана вредност, првопријавениот изготвувал фиктивни записници со кои потоа се срамнувал со трезорот.
Од страна на СВР Скопје ЕЕКК се превземени сеопфатни мерки и активности при што од банката е одземен видео запис од камерата поставена во бројачницата во централниот трезор во Скопје за критичните денови посочени од раководителот на Службата за внатрешна ревизија во банката, на кои при нивно разгледување се констатирани неправилности, а исто така извршени се разговори со повеќе службени лица вклучени во постапката за утврдување на фактичката состојбата на паричните средства во надворешните банкомати на подрачјето на град Скопје.
Врз основа на Наредби од Основниот суд Скопје 1 Скопје извршени се претреси кај горепријавените лица, при што кај првопријавениот со Потврда за привремено одземени предмети се одземени штедни книшки од две банки на негово име и уплатница за користење сеф во трета банка за 2015 година, додека кај останатите две лица не се пронајдени траги и предмети важни за кривична постапка.