Европскиот парламент и Украина преку симултано гласање го изгласаа Договорот за асоцијација, кој значи политичко здружување и слободна трговија меѓу Европската унија и Украина.
За Договорот гласаа 697 европратеници, од кои 535 „за“, 127 „против“ и 35 „воздржани“, а истиот беше потпишан од страна на претседателите на Европарламентот и на Украина, г. Мартин Шулц и г. Петро Порошенко.
На тој начин, како што беше кажано, Европскиот парламент застанува во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и ќе продолжи во таа насока и во иднина. Исто така, беше истакнато дека заедничката иднина на ЕУ и Украина сега мора да биде заштитена од руската агресија со воведување на низа санкции.
Притоа, беше изразено жалење за одложување на привременото стапување на сила на правилата за трговија до 31 декември 2015 година.
Во Договорот се бара Украина да спроведе реформи и да ги почитува демократските принципи, човековите права и владеењето на правото. Воедно, тој предвидува воспоставување на безвизен режим и усогласувањето на регулаторните системи.
За да стапи целосно на сила, договорот треба да биде ратификуван од страна на сите 28 земји-членки на ЕУ, а досега е ратификуван од само шест.