Моторџиите од мото клубот „Мото Охрид” од Охрид и оваа година ќе возат почесен круг во чест на Дџ Пантер и Дџ Бруце, кои ги загубија живототите во тешката сообраќајната несреќа, што се случи на 24-ти септември 2008. година, околу 21:00 часот на магистралниот пат Охрид-Битола, во близина на планинскиот превој Буково.
Со тоа охридските моторџии во недела на 21-ви септември ќе ја продолжат традицијата и ќе го зачуваат споменот на двајцата свои сограѓани, кои трагично ги загубија животите во незгодата. Ќе возат од Охрид, преку Струга, Дебар, манастирот Бигорски, преку Маврово и Кичево, повторно до Охрид.
Споменот на своите колеги не дозволуваат да избледи и од охридската медиумска заедница. Во спомен на колегите Влатко Пантовски и Наумче Аврамовски, но и на Петар Алексоски од ТвМ и Јован Слатинец – Дџ Мравка, чии животи исто така завршија прерано, охридските новинари и вработените во локалните Тв и Радио куќи, и интернет портали ќе играат ревијален – медиумски фудбалски натпревар.
Двете екипи кои ќе играат фудбал ќе бидат составени од новинари и вработени во редакциите на охридските медиуми. Целта на истиот е преку спорт и дружење да се потсетат на колегите и да се подзаборави на некои пресилни зборови или постапки.
Овој меморијален турнир, кој организаторите сакаат да прерасне во традиционален ќе се одржи на 28-ми септември во спортската сала „Климент Колески“ во Охрид.