Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР м-р Митко Чавков од денес до 26-ти овој месец во Хаг, Холандија, ќе учествува на Конференцијата на асоцијација на шефови на полициите на Југоисточна Европа – СЕПКА, на која што наедно ќе бидат одржани и Конвенцијата на европски шефови на полициите 2014 и Конференција на шефови на полициите на Балканскиот регион во ко-организација со италијанското претседателство со советот на ЕУ.
Според предвидената агенда на овие настани, кои што се од особено значење, се очекува да се дефинираат идните заедничките активности на полициските служби како во регионот на југоисточна европа така и на балканскиот регион во насока на креирање на среднорочни и долгорочни стратегии за спречување и борба против сите форми на сериозен и организиран транснационален криминал и позиционирање на СЕПКА како централна стратешка мрежа која ќе обезбеди безбедна средина за граѓаните во југоисточна Европа.
Се планира активностите во иднина да се насочат кон подобрување на полициската работа во целиот регион, поефикасна интеграција на демократските принципи и промоција на родовата еднаквост. Особено внимание ќе се посвети и на одржувањето на високи стандарди на етика, интегритет и чесност во полициската работа. Успешноста на меѓународната соработка во постигнувањето на својата цел ќе зависи во голема мера од воспоставувањето на ефикасен систем за брза размена на податоци и заедничка обука на квалифицирани полициски професионалци преку континуирана едукација и истражување.