Карате репрезентацијата на Македонија ќе земе учество на Европското првенство за кадети, јуниори и постари јуниори У-21, кое ќе се одржи во периодот 17-19.02 во Софија, Бугарија. По тој повод денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција, на кој уводен говор имаше директорот Марјан Спасески.
„Карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава, а за тоа говорат и резултатите. Тоа е последица на добро организирана федерација, функционални клубови кои регрутираат млади и талентирани спортисти, одлични тренери и селектори, а верувам дека дополнителен фактор за квалитет е и самиот факт што каратето беше прогласено за Олимписки спорт и ќе се најде на програмата за ЛОИ во Токио 2020 година. Тоа подразбира дека конкуренцијата во иднина ќе биде се посилна, а најголемиот тест за нашите репрезентативци ќе бидат овие големи натпреварувања. Јас сум оптимист и поведувајќи се од искуството дека нашите каратисти во последните неколку години редовно се враќаат со трофеи од големите натпреварувања, верувам и сега ќе го покажат својот квалитет и ќе го продолжат трендот на успеси на големите турнири. Впрочем, токму ваквите резултати се мотив повеќе Агенцијата за млади и спорт да дава континуирана поддршка на Македонската карате федерација. Имено, за овој настап на ЕП во Софија од страна на АМС се издвоени 300.000 денари, а за меѓународната програма и за стручната работа на Карате федерацијата, АМС досега само по првиот оглас од средствата од Игрите на среќа и редовните буџетски средства има издвоено вкупно 2.3 милиони денари. Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признани – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена, а од година во година го зголемуваме и бројот на стипендии за млади и талентирани каратисти, чија бројка годинава достигна 25“, – изјави Спасески.
Селекторот на кадети и јуниори–борби, Александар Кузмановски истакна дека поддршката на Агенцијата за млади и спорт, Олимпискиот коимитет, како и спортските медиуми ја зголемува одговорноста кај сите учесници на ова големо натпреварување, во насока на остварување на подобри спортски резултати.
„Ова натпреварување е од голема важност ако се земе фактот дека не очекува светското кадетско годинава, како и и олимпијадата за млади во 2018. Очекувам од сите претставници остварување на својот максимум и претставување на Македонија во најдобро светло“, – изјави Кузмановски.
Селекторот Арлинд Хусеини истакна дека У-21 минатата година ја завршија со еден медал, но оваа година со преминувањето на Моника Пендаровска и Петар Спасеновски во оваа категорија очекува зголемен број на одличја.
За подготвеноста и остварувањата кај натпреварувачите во кати зборуваше селекторот Стојан Андриевски, а за личните очекувања свои изјави дадоа дел од Македонската експедиција меѓу кои: Вероника Костовска, Моника Пендаровска, Ферри Исиќ, Петар Спасеновски и Столе Смилковски. Заедничко за сите е позитивното расположение и желбата за успех и претставување на сопствената држава во најдобро можно светло.