Претседателот Иванов одржа предавање на Универзитетот „Јеил“ во САД

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, вчера одржа предавање за студентите на еден од водечките американски универзитети „Јеил”, за развојот на мултиетничкото општество во минатото на Балканот, во Византија и Отоманската Империја, и како тоа влијае врз денешниот модел на демократијата во Македонија. Претседателот Иванов пред студентите на вториот најголем универзитет во САД исцрта силен контраст меѓу, како што кажа, македонскиот модел на инклузија на сите ентички и верски заедници, и грчкиот модел.

„Прашањето е комплексно, но суштината е во различните светови кои се создаваат во умовите на луѓето. Грција е создадена како држава со една религија, една нација, еден јазик. Македонија е создадена како држава која ги почитува сите јазици, сите религии, сите етнички идентитети. На целиот Балкан сменија елитите и дојдоа нови елити, само во Грција се уште имаме елита од Студената војна. Се уште дел од политичките елити во Грција ја користат таа реторика, иако кај населението пристапите се сосема поинакви. Затоа го имаме тој спор во Обединетите нации, каде ние сме единствена земја во историјата на ОН на која не и е дозволено да го оствори правото на самоидентификација”, изјави претседателот Иванов, во своето предавање на Теолошкиот факултет на Универзитетот Јеил.

Говорот на претседателот Иванов на Јеил следуваше по средбата на грчкиот министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун во Њујорк. Венизелос преку соопштение порача дека Грција се уште бара Македонија да го смени името, вклучително и за домашна употреба.

„Поради проблемот на Грција со нашето име, која не дозволува ние да се нарекуваме Македонци и да бидеме Македонија, ние сме надвор и од НАТО и од Европската унија. Ние мораше да се снајдеме како да го поминеме овој период. Со радост можам да кажам дека денес Македонија има најбрзо растечка економија од целиот наш регион, се отвораат нови работни места за младите кои не можат да чекаат години и години да се решаваат проблемите кои други ги наметнуваат. Нашиот економски успех придонесува младите да останат во Македонија, а нашите најуспешни поединци, живеат во Македонија, а работат за сетскиот пазар”, додаде претседателот Иванов во своето предавање на Универзитетот Јеил, во градот Њу Хејвн во американската сојузна држава Конектикат.

Yale_2

Претседателот Иванов додаде дека, додека односите на политичко ниво се тешки, односите меѓу обичните граѓани од Македонија и од Грција се можеби најдобри од постоењето на двете држави, посочувајќи ја големата туристичка и економска размена. Според него, Македонија се надева дека младите од двете земји ќе соработуваат и ќе изнаоѓаат нови начини, барем иднината на двете земји да биде растеретена од товарот на
минатото.

„Мајка Тереза, родена во Скопје, на стотина метри од својата родна куќа, имала и католичка и православна црква, и џамија и синагога. Таа ги познавала сите религии во Македонија, и научила да ги почитува, да го почитува другиот, немоќниот, исромашниот. Ние не зборуваме за толеранција, се толерира нешто што е непријатно. Ние зборуваме за меѓусебно почитување”, заклучи претседателот Иванов.

Вистинско изненадување по обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов на Универзитетот Јеил, на приемот организиран во негова чест во библиотеката на Теолошкиот факултет, беше настапот на Женскиот хор од катедрата за славистика од Јеил. Облечени во македонски народни носии, оваа група направи вистински празник на македонската култура, пеејќи традиционални македонски народни песни.

„Иако доаѓаме од различни земја, по некое време ни станува природно и многу забавно да ги изведуваме вашите песни. Секогаш кога настапуваме, како прва песна од нашиот настап изведуваме токму македонска песна, што ми е мило”, изјави Ајана Вуд од хорот, во кој членуваат студентки со разни потекла, од Азија, Русија, Чешка и други земји, предводени од Ајана која е Афроамериканка од Чикаго.

Придружувани од виолина и тарабука, девојките од хорот беспрекорно ги изведоа и Јовано Јованке и Оддолу иде едно невестенце. Настапот на хорот кулминираше со изведбата на Македонско девојче, кога и девојките од хорот покажаа дека освен песните, научиле да го играат и македонското оро, при што им се придружија и претседателот Иванов со својата сопруга г-ѓа Маја Иванова, како и деканот на Теолошкиот факултет Грегори Стерлинг.

„Претседателе Иванов, по вашето предавање во Јеил, на македонски јазик, и ние, со овој настап сакаме да покажеме дека македонскиот јазик е жив јазик, кој ние го славиме тука во универзитеот Јеил”, изјави деканот Стерлинг.

На предавањето на претседателот Иванов присуствуваше и Александра Георгиевска, студентка на додипломски студии која е единствената македонска студентка на овој водечки универзитет во САД.

„На Јеил има голем интерес за Македонија, особено на катедрата по етика, политика и економија, каде мојата теза е токму за проблемот со името. Колку повеќе се запознавам со спорот разбирам колку е комплициран и се помалку надеж имам дека во скоро време ќе се реши. Но, мислам дека е важно, бидејќи многу луѓе во САД не се ни свесни за постоење на овој проблем, да се сврти нивното внимание кон спорот за името”, изјави Георгиевска.

Yale_4a