Му побарале 1.000 денари, а откако не добиле, го нападнале и му зеле 500 денари

СВР Скопје до надлежното ОЈО Скопје со кривична пријава ги предаде лицата С.Т. (39) и С.В. (31) и двајцата од Скопје поради основано сомнение дека извршиле едно кривично дело – “разбојништво “ и при тоа се здобиле со противправна имотна корист од околу 500 денари. Од страна на судија на претходна постапка на С.Т. одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

Кривичното дело горепријавените го извршиле минатиот месец на подрачје на ПС ОН Аеродром на тој начин што откако оштетениот излегол од „ТТК Банка“ каде плаќал сметки му се приближиле и С.Т. му побарал 1.000 денари со цел да плати сметка во банка, но оштетениот му рекол дека нема пари и си заминал. Горепријавените потоа го пречекале на паркинг зад зградата и во еден момент второпријавениот С.В. почнал да го удира со тупаници по главата а С.Т. од задниот џеб на оштетениот му одзел 500 денари и со трчање се оддалечиле од местото на настанот.

Во просториите на ПС ОН „Гази Баба“ во присуство на дежурниот јавен обвинител извршено е лично препознавање при што од страна на оштетениот со сигурност се препознаени С.Т. и С.В. како сторители на кривичното дело.

Инаку, С.Т. е регистриран сторител на кривични дела од областа на имотните деликти, кривични дела против животот и телото, кривични дела против правниот сообраќај како и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај за што му се поднесени 16 кривични пријави. Второпријавениот С.В. е исто така регистриран сторител на кривични дела од областа на имотните деликти, кривични дела против здравјето на луѓето, кривични дела против животот и телото, како и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај за што му се поднесени седум кривични пријави.