Во Будва денеска беше потпишана Спогодбата за намалување на цените на услугите во роамингот во јавните мобилни комуникациски мрежи, склучена помеѓу министерствата надлежни за работите од областа на електронските комуникации на Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.
Во име на Република Македонија таа беше потпишана од страна на заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска. Нејзината реализација ќе ја координира тело основано од претставници на регулаторите на државите потписнички. Спогодбата е отворена, што значи дека во иднина, секоја заинтересирана земја, која не е опфатена со неа, може да се приклучи кон иницијативата.
„Цените во роаминг за говорни услуги во мобилната телефонија, за смс пораки и интернет сообраќај, ќе бидат намалени, односно нивелирани на нивото на земјите од ЕУ. Услугите ќе бидат за петпати пониски од досегашните, што ќе овозможи граѓаните полесно и почесто да патуваат во земјите од регионот, заради туризам или креирање бизнис. Нашите мобилни оператори ја разбираат потребата за овој чин, ќе ги вклучиме во координативното тело и со тоа ќе имаат влијание во неговата работа. Врз основа на разговорите со нив ќе ја направиме динамиката и начинот на кој ќе се намалат цените. Очекуваме овој потег да влијае и на подобрување на стандардот на граѓаните.“ – рече по потпишувањето на спогодбата заменик министерот Арсовска Томовска.
Инаку, идејата за потпишување на спогодбата потекнува од состанокот на претставниците на регулаторните тела за електронски комуникации од регионот, на тема “Регионална роаминг иницијатива“, што се одржа во Агенцијата за електронски комуникации во август оваа година во Скопје.