Во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, од денеска 14 кадети од новата генерација слушатели од родот авијација ја почнуваат 18 месечната обука согласно највисоките стандарди за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана.
Министрите за одбрана и за внатрешни работи, Зоран Јолевски и Гордана Јанкулоска денеска им посакаа успех и многу часови лет на македонското небо на новите кадети, од кои еден е за потребите на МО, а останатите 12, меѓу кои и првата девојка, за потребите на МВР.
Оваа генерација од МВР, истакна министерката Јанкулоска, е првата која во јануари годинава доби можност да конкурира на јавен оглас за вработување на пилоти на полициски хеликоптер. Инаку, на почетокот на годинава вкупно 466 кандидати се пријавија на конкурсот и отпочнаа со предвидените тестирања.
Знам дека не беше лесно да се минат седум фази од процесот на елиминација, рече министерката Јанкулоска, но сигурна сум, подвлече, дека високо поставените критериуми ќе бидат гаранција за вашиот успех во обуката што следува.
„Покажаниот интерес ни укажа на три факти. Прво дека угледот на МВР е во нагорна линија. Второ дека желбата да се биде дел од тимот и да се работи одговорна работа како пилот на полициски хеликоптер е голема. И трето, дека кога постои јавно објавен конкурс со претходно дефинирани критериуми, довербата на младите е огромна“, потенцира Јанкулоска.
Министерот Јолевски истакна дека нивна намера е Центарот за обука на пилоти поради современиот пристап на работа да прерасне во еден од најдобрите во Еворпа и пошироко.
„Вие имате потенцијал, амбиција и енергија да станете пилоти. Ќе бидете обучени од високо квалификуван кадар. Ваша должност ќе биде да научите да бидете дел од тимот затоа што ова е тимска работа. Убеден сум дека ќе покажете решителност, одлучност и успешно ќе ја завршите обуката. Вие сте идните пилоти, вложете го вашиот максимум“, им порача Јолевски.
Јари Шрага, директор на Центарот за обука на пилоти информира дека почнува комбинирана обука за кадетите од полицијата и одбраната, а со првиот кадет од Црна Гора, оваа програма, како што рече, доби меѓународен карактер.
„Процесот на обука е навистина тежок и комплексен, а поддршката што се добива од семејството е навистина важна. Тука сме да ви ги дадеме основните алатки за пилот на хеликоптер“, рече меѓу другото Шрага.
Весна Петреска, кадет за обука за пилот на полициски хеликоптер, прво девојче која ги помина тестирањата, ги повика младите да аплицираат на следните конкурси, затоа што, нагласи, нема никакви ограничувања и поделби на машки и женски професии.
„Одлуката е тешка и бара посветеност. Ако имаме доволно желба да го работиме она за што сме се пријавиле, тогаш се може да се постигне“, изјави Петреска, која дипломирала на Факултетот за безбедност.
За Адријан Колештркоски, еден од кадетите, критериумите за селекција се високи, но предизвикот не е само да се биде пилот на полициски хеликоптер, туку, рече, да и се служи на државата.
Обуката се состои од елементарна обука на авионот ЗЛИН-242Л, при што кадетите ќе се здобијат со основните знаења и вештини од воздухопловството и користењето на воздухопловната техника. Понатаму следува и обуката на хеликоптер Белл-206, поделена во две фази, основно летање каде кадетите ќе научат да управуваат со леталото и да извршуваат основни мисии, и напредно летање, каде кадетите се здобиваат со вештини кои овозможуваат користење на хеликоптерот до крајните негови можности.