ОУ „Живко Чинго“ вклучува гостин – претприемач во наставниот процес

ОУ „Живко Чинго“ Велгошти – Охрид, во согласност со наставниот план и програма по предметот Иновации, професорката Дубравка Сершиќ на часот вклучи гостин претприемач – Марија Филева Стоев, yправител на БВЦ дооел Охрид, фирма која е дел од Групацијата BWC (Budapest – Wien Chemicals), а функционира со 100% македонски капитал и веќе 20 години бележи успешно работење во трговска и производна дејност.

Младата и успешна претставничка на претприемачкиот свет, ги запозна учениците со историјата на нејзиниот кариерен развој.

Гостинката зборуваше за клучните фактори на успехот како што е образованието, постојаното едуцирање и следење трендови, идејни планови, како и позитивните ставови за промени, искреност, несебична пожртвуваност спрема соработниците и партнерите.

Учениците активно учествуваа со поставување прашања до гостинот, дискутираа за нивните желби во иднина, разговараа за создавање особини на истрајност во личен напредок, даваа примери за иновации и.т.н.

Уште во раната младост ученикот треба да создава и гради визии за неговата иднина, да се образува и да стекнува вештини кои ќе го збогатат неговиот потенцијал.

На часот присуствуваше и директорот на училиштето Ѓоко Чингоски.

Реакцијата на учениците за новиот предмет Иновации е позитивна и со задоволство прифатена во училиштето.

WebOhrid