Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан-бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема ефенди, Сулејман Реџепи, во која нему и на сите граѓани со исламска вероисповед во земјава им го честита големиот празник Курбан-бајрам.
„Прославувањето на овој празник нека Ви донесе мир, радост и благосостојба, но и нека ја пренесе пораката за големината на овој празник, а тоа е споделувањето со ближните и сиромашните. Вредностите како милосрдието и простувањето се симболи на човечноста, почитувањето и толеранцијата, кои можеме заеднички да ги градиме преку дијалог и меѓусебна доверба.
Честитајќи ви го Курбан-бајрам ве повикувам заеднички да им подадеме рака на оние на кои тоа им е најпотребно. Овој празник во муслиманското верување значи обединување, споделување и отвореност. Тоа се вредностите кои нè обврзуваат сите заедно без разлика на нашата вероисповед и верување, вредности кои нè спојуваат и нè прават човечни и хумани“, стои во честитката на претседателот Иванов.