Белгијците ќе го градат првиот „пивовод“

Во Белгија, во градот Бриж, голем проблем претставува зачувувањето на поплочените улици и средновековните градби поради големиот број на камиони кои превезуваат пиво од старата пиварница Де Халве Ман, која се наоѓа во центарот на градот. Секоја година повеќе од 500 цистерни со пиво поминуваат низ улиците на градот, што е дури 85% од сообраќајот со камиони во центарот на градот. Изморени од бучавата, загадувањето на воздухот и метежот кои го прават камионите, градските власти на Бриж одобрија изградба на првиот „пивовод“ во светот.

Цевководот кој ќе биде долг 3 километри ќе се гради од пиварницата до блиската индустриска зона во која пивото ќе се флашира, изјави директорот на пиварницата, Ксавиер Ванесте, кој додаде дека идејата е од еколошка, а не од економска природа.

Пивото во Де Халве Ман се произведува 5 векови, а пиварницата годишно ја посетуваат повеќе од 100 илјади туристи. Постапката на флаширање на пивото одамна е преместена од пиварницата, но самото производство ќе остане во центарот на градот.

Со изградбата на првиот пивовод на светот ќе се користат најсовремени технологии, развиени при конструирање на нафтовод и гасовод. Трошоците за ќе ги сноси пиварницата, а изградбата треба да започне следната година.