Нарачал и продавал 131.000 парчиња сијалици под туѓо лого и индустриска марка

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, по превземени мерки и активности во содејство со Државниот пазарен инспекторат и со Координативно тело на Влада на РМ за заштита на интелектуална сопственост, до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против лицето С.А. (59) и против правното лице ТП КУВАЈТ ПРОМ Сејдула ДООЕЛ Скопје, за сторено кривично дело „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ по чл. 285 од КЗ.

Имено, пријавениот во својство на сопственик и управител на правното лице ТП КУВАЈТ ПРОМ Сејдула ДООЕЛ Скопје, спротивно на прописите на индустриска сопственост во мај годинава од фирма од НР Кина купил и увезол во Р. Македонија 131.000 парчиња сијалици преставувајќи како да се оригинални од заштитена трговска марка ИСКРА наводно произведени во Украина. Истите ги складирал во складот во седиштето на неговата фирма лоциран во с. Студеничани и како наводно оригинални производи ги продавал на територијата на Р. Македонија. Преку својата фирма С.А. имал воспоставено деловни односи со фирмата ИСКРА од Украина, од каде што набавувал производи од електрорасветната област, но поради настанатата ситуација во Украина, фирмата ИСКРА не била во можност да ги задоволи потребите на фирмата ТП КУВАЈТ ПРОМ Сејдула ДООЕЛ Скопје. Со цел наоѓање производи за пласман на подрачје на Р.Македонија, воспоставил контакт со фирма од Кина, каде што неговиот син лично отишол и однел примерок од оригинален производ-сијалица марка “Искра“ и побарал да му се произведуваат сијалици со облик, лого и опаковка на “Искра“ како да се оригинални, во име и за сметка на правното лице на пријавениот.

Од страна на фирмата ИСКРА преку БИНСО ДОО Скопје како застапник за интелектуална сопственост на носителот на правото за трговската марка ИСКРА, поднесена е пријава до Државниот завод за индустриска сопственост за наведената трговска марка, врз основа на која пријава било донесено Решение со кое се признава правото на стоковна индивидуална трговска марка и воедно издадено е полномошно до правното лице СНБ-РЕАКТ У.А Скопје за постапување за заштита на интелектуална сопственост за наведената трговска марка во Р. Македонија. Исто така, од страна на правното лице БИНСО ДОО Скопје, како застапник на ИСКРА Украина, до Државниот завод за индустриска сопственост, доставен е приговор против правното лице на пријавениот, кој поднел пријава за трговска марка, иако пријавениот знаел и бил свесен дека за наведената трговска марка е веќе донесено Решение со кое се признава правото на стоковна индивидуална трговска марка.

Од страна на СВР Скопје-ЕЕКК, Управата за јавни приходи на град Скопје и Државен пазарен инспекторат извршени се проверки во правното лице ТП КУВАЈТ ПРОМ Сејдула ДООЕЛ Скопје, при што од страна на Државен пазарен инспекторат за констатираните неправилности сочинет е Записник од извршен инспекциски надзор и со Потврда за привремено одземање и чување на производ одземени се вкупно 131.000 сијалици и истите се предадени во Агенција за управување со одземен имот.

Од фирмата СНБ РЕАКТ У.А од страна на ЕЕКК одземени се една картонска кутија опаковка за електрична светилка од 60 и 100 вати, на која на десната страна бил наведен производителот ИСКРА и произведени во Украина со број на код и македонски превод и една електрична светилка ставена во кутија со ознака на целиот дел од стоката. Исто така, доставени се фотографии со опис на оригинален и фалсификуван производ-сијалица и амбалажа и извршени се разговори со лицата С.А. и Ш.А.