Уште 15 дена пријавување за обуки по англиски за таксистите

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека во тек е пријавувањето на такси возачи за посетување на обука за изучување на англиски јазик. Рокот за пријавување е до 25.10.2014 година.

Јавниот повик е објавен од страна на Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единиците на локалната самоуправа и истиот се однесува на пријавување на такси возачи вработени во правни лица лиценцирани за такси дејност од општините во Република Македонија, за посетување на обука за изучување на англиски јазик.

Обуката за изучување на англиски јазик опфаќа посетување на предавање кое ќе го вршат професори по Англиски јазик. Обуката ќе содржи 80 часови односно 40 блок часови. Трошоците за обука за изучување на англиски јазик ќе се обезбедуваат од Буџетот на општините.

Право на учество на јавниот повик имаат сите такси возачи вработени во правни лица лиценцирани за такси дејност од општините во Република Македонија и кои ги исполнуваат следниве услови :

– да не се постари од 62 години

– да се вработени како такси возачи.

Пријавените кандидати ќе бидат известени за периодот, местото и условите за одржување на обуката за изучување на англиски јазик.

Електронската пријава се поднесува на следната маил адреса: avtotaksivozac@mtc.gov.mk

Електронската пријава е достапна на интернет страниците www.mtc.gov.mk и www.zels.org.mk

Кон пријавата се доставува следнава документација:

– копија од лична карта во скенирана форма

– копија од М1/М2 образец за лицето што се пријавува.во скенирана форма

– задолжителнo да се наведе општината во која што врши дејност такси возачот

Во следниот период е предвидено да се спроведат голем број обуки, а целта е овозможување на поквалитетен превоз, особено кога станува збор за превоз на туристите.

Оттаму повикуваат сите такси-превозници во Република Македонија да се пријават и да посетат една од обуките. Овие обуки се еден вид на олеснување за такси-превозниците да можат бесплатно да го стекнат знаењето за полагање на предвидените испити за познавање на англиски јазик.

Имено, до 01. Јануари 2017 година за секој такси-превозник ќе биде задолжително познавањето на основен англиски јазик за што ќе добие.

Нивото на англиски јазик е основното ниво А1 според Заедничката европска референтна рамка за јазици на Совет на Европа (CEFR), што по дефиниција подразбира: основна способност за комуникација и размена на информации на едноставен начин, како на пример – лицето може да прашува едноставни прашања и да разбира едноставни одговори.

Во однос на законот за превоз во јавниот сообраќај со кој е предвидено ова, беа организирани средби со претставници на здруженијата на авто-такси превозници со цел да се увидат нивните мислења и сугестии, како би се креирале што поефективни и поприменливи решенија.