Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, на сите граѓани на Република Македонија им го честита Денот на народното востание „11 Октомври“, ден кога Македонија се крена против фашистичкиот окупатор и застана на страната на правдата и прогресот.
„Слободата и мирот се нераскинлив дел од македонското битие. Нашите граѓани, нашите борци за слобода, увидоа дека Европа и светот се наоѓаат пред едно од најголемите зла на човештвото и цврсто и непоколебливо застанаа да се борат против него. И денес, македонските граѓани и македонската Армија исто толку цврсто и непоколебливо се борат за зачувување на светскиот мир, на слободата и демократијата за сите оние кои тоа го немаат“, порачува министерот Јолевски.
На нам останува, додава министерот, вечно да го паметиме она што борците во 1941 година го направија за нас и нашата Македонија. Нека тоа ни биде поттик за уште поголем влог во развојот на Република Македонија во иднина.
По повод празникот 11 Октомври, делегации од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, денес положија венци со свежо цвеќе во Скопје, Куманово и Прилеп.