Настанот ќе трае два дена и ќе вклучи професионалци од поголем број на дисциплини кои ќе придонесат со споделување на своите уникатни искуства. Поканети се и познати имиња од јавната сцена, како Владимир Василески Четкар и Сашо Димоски. За крај, Мотивацискиот ден се очекува да прерасне во спонтана забава во некоја од кафетериите, каде учесниците ќе имаат можност да се запознаат и поразговараат со своите омилени говорници.
Се работи за волонтерски, партнерски проект на група ентузијасти, членови на невладината организација „Виа Данте” од Охрид и „Локален совет на млади” при општина Охрид. Настанот е посветен на Тоше Проески, и сите помалку познати херои од нашето секојдневие, луѓе со добра мисла, несебични примери на хуманост и посветеност, кои не обврзуваат да го продолжиме нивниот пат на светлината, во градот на светлината.
Се повикуваат млади, средношколци, студенти, млади невработени, да присустуваат во што поголем број на настанот, кој воедно е и прилика да слушнат работи кои ќе им помогнат во професионалната ориентација, а за невработените со академски титули идеи за изнаоѓање алтернативни патишта и приспособување на актуелниот пазар на труд.
Со оваа викенд доза на мотивација се започнува мисијата за мотивирање на младите, како дел од стратегија за развивање на човечките потенцијали !
Настанот ќе се одржи на 18-ти и 19-ти октомври, во амфитеатарот на УИНТ „Свети Апостол Павле“, двата дена во истиот термин од 16 – 19 часот.