Четири месеци држеле три девојчиња и ги нуделе на клиенти за сексуални услуги

Изминатиов викенд (11/12.10.2014 година), СВР Скопје-Единицата за насилен криминал, со две кривични пријави до надлежното ОЈО Скопје ги предаде А.Р.(18) и А.Р.(21) двајцата од Скопје, поради основано сомневање дека во временскиот период јуни/октомври годинава сториле кривично дело „детска проституција“. За сторенотот кривично дело, Судија на претходна постапка на двајцата пријавени им изрече мерка притвор од по 30 денови.

Кривичното дело „детска проституција“, пријавените кои се инаку браќа го извршиле во временскиот период јуни/октомври 2014 година, кога врбувале три девојчиња од Скопје на возраст од 14 до 16 години и против нивна волја ги држеле заклучени во куќа на нивни вујко во Шуто Оризари, каде им носеле клиенти за сексуални услуги, за што пријавените наплаќале од 300 до 2.000 денари.

Во зависност од желбите на клиентите, девојчињата во придружба на пријавените биле носени и во мотели каде давале сексуални услуги на повеќе клиенти во една ноќ, по што ги враќале во куќата во Шуто Оризари каде ги држеле затворени. За да се знае дека девојчињата работат за нив, пријавените присилно им ги истетовирале нивните имиња на рацете, а кога ќе одбиеле да даваат сексуални услуги, биле грубо физички и психички малтретирани.

На 10.10.2014 година, две од девојчињата успеале да искористат прилика и да избегаат од куќата, по што случајот го пријавиле во полициска станица, а по консултација со ОЈО, од страна на полициски службеници од СВР Скопје е влезено во куќата каде биле чувани девојчината, при што е затекнато третото девојче. Двајцата сторители од страна на Единицата за прв одговор и интервенција АЛФА се пронајдени и лишени од слобода.

Пријавените покрај тоа што се регистрирани нарушители на јавен ред и мир (13 прекршочни пријави за нарушен ЈРМ со физички напад и тепачка), против истите во периодот 2011/2014 се поднесени вкупно 21 кривична пријава за дела проследени со насилство, крвни и имотни деликти.