Нулта толеранција кон корупцијата и криминалот

„Борбата против корупцијата и организираниот криминал беа и останаа еден од основните приоритети на сегашното раководство на Министерството за внатрешни работи. Политиката на нулта толеранција кон корупцијата и криминалот се уште се на врвот од програмата по која постапуваме“.

Ова меѓу другото го истакна помошникот на министерот за односи со јавност Иво Котевски на промоција на Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија подготвен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во рамките на Програмата на УСАИД за борба против корупцијата што се одржа во скопскиот хотел “Холидеј Ин“.

Според Котевски конкретно забелешките изнесени во извештајот за прогресот на Македонија велат дека е поставена правната и институционалната рамка, а земјата стабилно го гради досието на истраги, обвиненија и пресуди. Сепак потребно е поефективно користење на мерките и политиките научени во минатото, а како и секаде во регионот, корупцијата останува присутна во многу области и продолжува да претставува сериозен проблем.

„Само во изминативе две недели јавноста беше сведок на процесуирање на коруптивни кривични дела против судии, доктори и полициски службеници. Изминатиов месец беше потврдена и пресудата со која на казна затвор беше осуден поранешен премиер, а десетици други случаи се во тек. Овие случаи колку што се потврда дека корупцијата постои, уште повеќе се потврда дека крајно неселективно и бескомпромисно ќе се санкционира секое несовесно и незаконско работење. Од 2007 заклучно со 2013 година, Министерството откри, документираше и процесуираше 499 случаи на финансов криминал и коруптивни кривични дела, односно во просек по 6 случаи месечно. Претпоставената штета во овие случаи се проценува на над 311 милиони евра. Во сите овие случаи осомничени се 1470 лица, почнувајќи од ниско рангирани службеници на патарините или во Царината, преку раководители и директори, па се до градоначалници, министри и други функционери, вклучувајќи и поранешен премиер“, истакна Котевски во своето обраќање.