Отворен првиот саем за вработување

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, денес го отворија првиот Саем за вработување на кој учествуваат 86 компании од сите сектори и дејности, а меѓу нив се и дел од странските вложувачи што дојдоа да инвестираат во Македонија.

Според организаторите, правници, економисти, ИТ и електроинженери, се најбараните струки.

„Саемот е само сегмент од владината програма за намалување на невработеноста која даде евидентни резултати. Ваквите настани во содејство со останатите политики на Владата за намалување на невработеноста ќе продолжат да даваат позитивни ефекти и се поголем број, особено млади луѓе, како и лица кои подолго време се невработени, ќе успеат да најдат работно место”, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски пред почетокот на манифестацијата. Благодaрение на владините активни мерки и политики, потенцира Пешевски, во изминатите шест години неврабтеноста се намали од 38 проценти на рекордни 28,2 отсто.

Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, преку проекти како Саемот за вработување, директно, на едно место, се поврзуваат понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

„Невработените и младите денеска ќе имаат можност непосредно, преку директни средби со работодавачите, полесно и побрзо да стигнат до вистинската информација за слободните работни места, потребата од доквалификација, преквалификација и знаење”, посочи Спасов, подвлекувајќи дека во рамки на Саемот ќе се одржат и форуми за работодавачи и за млади на кои ќе бидат презентирани владините активни политики и мерки за вработување.

Министерот го потенцира и значењето на електронскиот пазар на труд–новиот веб портал на Агенцијата за вработување кој компјутерски ги поврзува понудата и побарувачката на работна сила, ги интегрира сите отворени огласи во државата овозможува невработените да креираат сопствен профил со потребната биографија.

„Сите компании присутни на Саемот имаат потреба од работна сила. Тие ќе ги отворат свпите врати, ќе кажат што се им треба, каков кадар, кои се нивните идни планови за нови вработувања. Се надевам дека ќе ја постигнеме целта, да ги споиме побарувачите на работа и на работна сила. И наредните седум саеми голем број луѓе ќе си најдат својата егзистенција и ќе можат да се вработат во една од компаиите присутни на саемот”, напомена Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.

Саемот за вработување го организира Агенцијата за вработување во соработка со УНДП и УСАИД. Најмалку 20.000 лица се очекува да го посетат денешниот прв Саем за вработување. По него, ќе се одржат уште седум, во неколку градови низ Македонија.