Можностите за бизнис во Македонија претставени во Полска

Полски компании од различни области покажаа интерес за можностите за инвестирање во Македонија и соработка со македонски компании од повеќе индустрии, на бизнис форумот и економската презентација на Македонија, што се одржува денеска во Варшава.

На бизнис форумот, организиран со полската Агенција за информации и инвестиции, се обратија македонскиот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски и вицепремиерот и министер за економија на Полска Јануш Пехочински. Пред бизнис заедницата во Варшава Пешевски и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шеќеровски, ги презентираа условите за инвестирање и водење бизнис во Македонија.

Пешевски во обраќање ја потенцирал отвореноста на македонската Влада кон странските инвеститори и бизниси, нагласувајќи ги досегашните реформи преземени во насока на подобрувањето на условите за инвестирање и водење бизнис во нашата држава, соопшти кабинетот на вицепремиерот Пешевски.

„Македонскиот економски тим одржа и директни средби со високи претставници на поголемите полски компании кои се занимаваат со бизниси од областа на автомобилската индустрија, производство на разни видови електрични уреди и кабли, кујнски производи, производство на вагони, локомотиви и трамваи, земјоделска механизација, рударска механизација, компании кои се занимаваат со пренос на гас и обновливи извори на енергија и слично. Сите овие компании покажаа интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија и соработка со македонски компании од повеќе индустрии“, соопшти Кабинетот на вицепремиерот Пешевски.

На работна средба со вицепремиерот Пехочински, Пешевски разговарал за билатерланата еконоска соработка помеѓу двете држави.

– Соговорниците со задоволство ги поздравија билатералните односи помеѓу двете земји, повеќегодишното пријателство одбележано со динамична успешна соработка и изразија желби за понатамошен поттик за промоција на инвестициите, економската соработка помеѓу двете земји и зголемување на трговската размена, се вели во соопштението.