Словачка нов претседавач со Советот на ЕУ

Од денеска, 1 јули, започнува шестмесечното претседавање на Словачка со Советот на Европската Унија.

Оваа функција е прва за Словачка, која е дел од ЕУ веќе 12 години, а доаѓа во еден чувствителен период кога Унијата се соочува со предизвикот „Брегзит“, но и со мигрантската криза и феноменот на тероризмот.

Програмата на Словачкото претседателство се базира на четири приоритети: економски силна Европа, единствен модерен пазар, одржливи политики за миграција и азил и глобално ангажирана Европа.

Приоритетните теми, пак, се водени од трите меѓусебно поврзани принципи: постигнување видливи резултати, надминување на фрагментацијата и фокус на граѓаните.

Ротационото претседателство со Советот на ЕУ во првите шест месеци од годинава го вршеше Холандија, а од почетокот на 2017 година, таа улога ќе ја преземе Малта.