Со бројни активности ќе се одбележи Светскиот ден и Неделата за борба против гладта

Кампањата за одбележување на 16 октомври, Светскиот ден за борба против гладта и Неделата за борба против гладта од 16-22 Октомври, под мотото ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС Црвен крст Охрид ја започнува со активности насочени кон собирање на прехрамбени производи на пунктови поставени во поголемите маркети во градот., на кои нашите сограѓани можат да донираат прехрамбени производи според своите можности и избор, наменети за социјално најзагрозените семејства во Охрид.

Акцијата официјално ќе започне на 16.10.2014 (четврток) во 12 ч. во маркет Супер Тинекс (спроти фабриката Лихнида) каде Градоначалникот на Охрид со свој пример и донирање на прехрамбени производи, ќе ги повика Охриѓани да ја покажат својата хуманост со учество во акцијата.

Кампањата,традиционално, секоја година ја поддржува и Лајонс клубот Десарети, чии членови во 14 ч. пред седиштето на Црвен крст Охрид ќе поделат хуманитарни пакети на 30 социјално загрозени семејства од Охрид.

Кампањата за Неделата на борба против гладта продолжува се до 22 октомври со најразлични активности на волонтерите на Црвен крст Охрид, од собирање на парични средства со продажба на хуманитарните вредносни бончиња (20ден.), собирање на прехрамбени производи на специјално поставени пунктови во маркетите низ градот и дистрибуција на хуманитарните пакети до ранливите категории на граѓани.

Од Црвениот крст Охрид, упатуваат апел до нашите сограѓани, фирми, институции, активно да се вклучат во кампањата за Неделата на борба против гладта и заеднички да направиме нешто за оние на кои им треба подадена рака за будење на надеж дека не се сами, дека некој мисли на нив. Барем за миг да ја вратиме насмевката на нивните тажни лица.

Со нашето малку,
можеме да направиме многу,
за оние кои немаат ниту малку!