Врз основа на член 49 став 1 од Законот за внатрешни работи („Службен весник“ бр. 92/2009, 35/2010, 36/2011, 158/11, 114/2012, 187/13 и 116/14) и член 97 став 1 од Законот за полиција (“Службен весник на РМ” бр.114/06, 6/09, 145/12 и 41/14), а во врска со одредбите од Правилникот за начинот на вршење на селекција и избор на кандидат за полицаец и начинот на работа на комисијата за избор на кандидат за полицаец (“Службен весник на РМ“ бр.149/14), Министерството за внатрешни работи распишува Јавен оглас За прием на 400 извршители на работно место „Полицаец“ за работа во Министерството за внатрешни работи.
-Избраните кандидати ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од (1) една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.
-По завршување на основната обука на избраните кандидати за полицаец ќе склучат договори за вработување во Министерството за внатрешни работи, во организациските единици во Бирото за јавна безбедност со седиште во Скопје.
1.Пријавените лица треба да ги исполнуваат следните општи услови:
-да е државјанин на Република Македонија,
-да е полнолетен, а да не наполнил 25 години живот,
-да има завршено најмалку четиригодишно средно образование,
-да е здравствено и психофизички способно и
-со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.
2.Пријавените лица треба да ги исполнуваат следните посебни услови:
-потребна телесна висина од најмалку 175 см. (маж), односно 165 см. (жена), и
-висока лична физичка подготвеност.
3.Заинтересираните лица треба да ги достават следните докази за исполнување на потребните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар:
-извод од матична книга на родените,
-диплома за завршено четиригодишно образование,
-доказ дека со правосилна пресуда не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност, и
-две фотографии, со димензии 3,5 см х 4,5 см.
Пријавата со потребната документација, пријавеното лице е должно да ја поднесе ЛИЧНО во едно од определените места за пријавување, и тоа:
1.Сектор за внатрешни работи Скопје:
– Полициска станица од општа надлежност-Гази Баба,
– Полициска станица од општа надлежност-Бит Пазар и
– Полициска станица од општа надлежност-Карпош.
2.Сектор за внатрешни работи Битола;
3.Сектор за внатрешни работи Велес;
4.Сектор за внатрешни работи Куманово;
5.Сектор за внатрешни работи Тетово;
6.Сектор за внатрешни работи Охрид;
7.Сектор за внатрешни работи Струмица,
8.Сектор за внатрешни работи Штип.
Пријавеното лице е должно при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или патна исправа за идентификација.
Потребната документација од став 1, пријавените лица ја доставуваат секој работен ден во определениот рок, во текот на работното време (08,30 часот – 16,30 часот).
4.При поднесување на пријавата лицето потпишува изјава за доброволно пристапување во постапка за селекција за избор на кандидат за полицаец со неможност за барање на оштета од Министерството за внатрешни работи во случај на повреда за време на спроведување на постапката за селекција.
5.Постапката за селекција на пријавените лица ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот и истата се спроведува во следните фази:
– Административна проверка (утврдување на навременост и потполнетост на поднесената документација, како и исполнетост на пропишаните услови);
– Проверка на моторички способности (за мажи: 60 стомачни, 55 склекови, трчање на 3200м за 13,30 минути и 10 згибови на вратило и за жени: 60 стомачни, 27 склекови и 3200м за 16,30 минути, и други физички проверки определени од страна на Комисијата),
– Психолoшки тест,
– Писмено тестирање (општообразовен тест и есеј),
– Интервју (поединечен разговор со пријавените лица),
– Здравствени прегледи (проверка на здравствените и психофизичките способности на пријавените лица).
Секоја од горенаведените фази од постапката за селекција има елиминаторен карактер.
6.Здравствените прегледи во постапката за селекција за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите се утврдуваат од страна на Здравствена комисија формирана од министерот за внатрешни работи.
7.По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас.
При потпишување на Договорот за основна обука на полицаец, избраните лица за кандидат за полицаец кои се со место на живеење надвор од подрачјето на Скопје, задолжително потпишуваат изјава со која се согласуваат дека по завршената основна обука за полицаец ќе склучат договор за вработување на работно место „полицаец-приправник“ во организациските единици во Бирото за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи со седиште во Скопје.
По завршување на основната обука (во времетраење од една година), Министерството за внатрешни работи со кандидатот за полицаец кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување.
8.Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 (петнаесет) дена, сметано од денот на објавување на огласот (не сметајќи го денот на самото објавување).
9.Ненавреманата и непотполната документација нема да се разгледува.