„Регионот располага со обучени војници и офицери кои имаат големо искуство, и затоа ние ги разгледуваме модалитетите како заеднички или поединечно да го зајакнеме учеството во мировните операции на Обединетите нации. Армијата на Република Македонија има голем број војници кои биле дел од мировните операции во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина и Либан. Наша цел се заштита на мирот и безбедноста во глобални рамки и затоа ја разгледуваме можноста како во иднина да продолжиме со учеството во мировните операции предводени од ООН“. Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на отворањето на дводневата регионална конференција за Зголемено учество на земјите од Западниот Балкан во мировните операции на Обединетите Нации.
Безбедноста и просперитетот во глобални рамки, рече министерот, зависат од ефективниот мултилатерален систем и затоа Обединетите Нации претставуваат еден од главните актери на меѓународната безбедносна сцена.
Министерот Јолевски се осврна и на досегашното учество на Република Македонија во мисиите за поддршка на мирот, како потврда дека Македонија активно контрибуира кон етаблирањето на мирот и демократијата во светски рамки.
Првиот заменик на премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, како и потсекретарот за мировни операции на ООН, Харве Ладсу, во своите обраќања пред присутните истакнаа дека мировните мисии се централна активност на ООН за одржување на мирот и безбедноста. Западен Балкан многу бргу се трансформираше од примател во контрибутор кон светскиот мир и безбедност, заклучија говорниците.
На конференцијата учествуваат над 120 високи претставници на земјите од Западниот Балкан, односно од Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, земјите партнери, меѓу кои и САД, Германија, Франција, Норвешка, Кина, Русија и меѓународните организации како Обединетите Нации, Европската Унија и НАТО-алијансата.
Тркалезната маса која е во организација на Одделот за мировни операции на Обединетите Нации, Интернационалниот мировен институт, во соработка со Република Србија и Канцеларијата на ООН во Белград има за цел на едно место да ги донесе високите претставници на земјите од Западниот Балкан и високите официјални лица на Обединетите Нации и партнерите, како начин да се развие дискусија за идниот придонес на земјите од регионот во мировните мисии на Обединетите Нации.