„Република Македонија, Балканот, но и Европската Унија пошироко, се наоѓаат во еден специфичен момент со кој се немаме соочено во блиската историја. Впрочем и податоците на Високиот комесаријат за бегалци говорат дека светот е сведок на еден масовен егзодус и на бројки на бегалци кои досега никогаш не биле регистрирани откако се води официјалната статистика“. Oва меѓу другото го истакна државниот секретар во МВР Анастасија Илиеска во своето денешно обраќање на јавната расправа посветена на проблематиката на азилот што се одржа во Собранието на РМ а во рамки на 19-тата седница на Комисијата за европски прашања при Собранието на РМ.
Државниот секретар Илиеска дека од 2003 година наваму Република Македонија, односно Министерството за внатрешни работи во тесна соработка со сите релевантни домашни, како и меѓународни институции и партнери, вклучително и со Европската унија, во континуитет работи на надградба и хармонизирање на нормативите од областа на азилот и привремената заштита. При што основната цел на овие напори е имплементирање на највисоките европски законски стандарди од оваа област и почитување на уставните но и меѓународни норми во делот на заштитата на човековите права и слободи за лицата без државјанство, прогонети заради демократско политичко уверување и дејствување.
Заблагодарувајќи им се на парламентарците за фактот што препознавајќи ја сериозноста на ситуацијата минатата недела беа донесени новите измени и дополни на Законот за азил и привремена заштита кои сега се на сила, Илиеска нагласи дека: „иако рокот за донесување на подзаконските акти беше еден месец, Министерството работеше паралелно на нивно изготвување и успеавме да ги изработиме со стапувањето на сила на Законот. Сега одредбите на Законот се применуваат во целост, колегите ги регистрираат првите намери за барање на азил во земјава и издаваат соодветни потврди со кои илегланите мигранти ќе може да се движат низ земјава во наредните 72 часа, рокот во кој што треба и формално да побараат азил. Досега на терен не се регистрирани никакви проблеми, нема забелешки на функционирање на Законот ниту од невладините организации, ниту од засегнатите, односно илегалните мигранти. Не помалку важно е дека откако стапи на сила законот немаме пријавен несреќен случај на пругите и автопатиштата или пак на напад врз некој илегален мигрант“.
Инаку целта на денешната јавна расправа беше вклучувањето на Република Македонија во заедничките напори на ЕУ за градење заеднички пристап и одоговор на актуелните миграциски предизвици. Во продолжение интегрално го пренесуваме излагањето на државниот секретар Илиеска:
„Дозволете ми на почеток да ја поздравам иницијативата за одржување седница на оваа тема, бидејќи Република Македонија, Балканот, но и Европската Унија пошироко, се наоѓаат во еден специфичен момент со кој се немаме соочено во блиската историја. Впрочем и податоците на Високиот комесаријат за бегалци говорат дека светот е сведок на еден масовен егзодус и на бројки на бегалци кои досега никогаш не биле регистрирани откако се води официјалната статистика. Сето ова е повеќе од доволна причина да се свика една ваква дискусија на која би се согледала и анализирала законската регулатива во компарација со останатите се заради наоѓање соодветни решенија со кои би ја ублажиле кризата со која сме соочени сите. Кога велам сите, не ги подразбирам само земјите низ кои се транзитира или земјите кои се финална дестинација, туку и самите илегални мигранти кои се изложени на бројни ризици.
Република Македонија, по истапувањето од СФРЈ, на 18 јануари 1994 година ги прифати и ги презеде обврските по Конвенцијата и Протоколот од Женева и Њуjорк за статусот на бегалците. Впрочем, истите се вградени во Законот за азил и привремена заштита, а вградени и во нашиот Устав како загарантирано право.
Oд 2003 година наваму Република Македонија, односно Министерството за внатрешни работи во тесна соработка со сите релевантни домашни, како и меѓународни институции и партнери, вклучително и со Европската унија, во континуитет работи на надградба и хармонизирање на нормативите од областа на азилот и привремената заштита. Основната цел на овие напори е имплементирање на највисоките европски законски стандарди од оваа област и почитување на уставните но и меѓународни норми во делот на заштитата на човековите права и слободи за лицата без државјанство, прогонети заради демократско политичко уверување и дејствување.
Дозволете ми во име на Министерството да ви се заблагодарам на фактот што минатата недела ја препознавте сериозноста на ситуацијата и во итна постапка ги верификувавте новите измени и дополненија на Законот за азил и привремена заштита. Сакам во оваа прилика да ве известам дека, иако рокот за донесување на подзаконските акти беше еден месец, Министерството работеше паралелно на нивно изготвување и успеавме да ги изработиме со стапувањето на сила на Законот. Сега одредбите на Законот се применуваат во целост, колегите ги регистрираат првите намери за барање на азил во земјава и издаваат соодветни потврди со кои илегланите мигранти ќе може да се движат низ земјава во наредните 72 часа, рокот во кој што треба и формално да побараат азил. Досега на терен не се регистрирани никакви проблеми, нема забелешки на функционирање на Законот ниту од невладините организации, ниту од засегнатите, односно илегалните мигранти. Не помалку важно е дека откако стапи на сила законот немаме пријавен несреќен случај на пругите и автопатиштата или пак на напад врз некој илегален мигрант. Доволно показатeли кои говорат дека засега измените се добро решение. Впрочем, истите беа презентирани на 12-от Комитетот за стабилизација и асоцијација каде добија високо мислење од страна на претставниците на Европската комисија. Во соработка со Меѓунароните организации и невладините организации кои ја третираат оваа проблематика во тек е изработка и на стандардни оперативни процедури за третман на непридружувани малолетни лица.
Всушност, Законот за азил и привремена заштита со измените и дополнувањата од 2007, 2008, 2009 и 2012 постојано се усогласуваше и надградуваше, согласно европските стандарди и правила (европското acquis) во областа на азилот и привремената заштита.
Измените и дополнувањата на Законот за азил и привремена заштита кои се во сила, се резултат на анализа и работа на Меѓуресорска работна група каде што носител беше Министерството за внатрешни работи, а беше сочинета од сите релавантни институции кои го третираат прашањето на азил, и во која е вклучена и Канцеларијата на Високиот комесаријат за беглаци на Обединетите нации (УНХЦР) во Скопје, чија основна примарна цел и мисија е заштита на бегалците во меѓународни рамки.
Мултсекторски пристап во креирањето на нормативните решенија, дава резултати што се евидентирани и во Извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во областа на азилот.
Законот, како што знаете е поделен на глави, кои опфаќаат: општи одредби; постапка за признавање право на азил; престанок на право на азил; исправи; правна положба; право на привремена заштита, обработка и заштита на лични податоци и прекршочни одредби, во кои се уредуваат прашања поврзани со одделени сегменти од азилот. Во законот се дефинирани поимите: барател на право на азил; признаен бегалец; лице под супсидијарна заштита; признаен бегалец и лице под супсидијарна заштита sur place; дела на прогонување; вршители на прогон или сериозни повреди; даватели на заштита; безбедна земја на потекло и безбедна трета земја; улогата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, правна помош и др. Посебно треба да се потенцира фактот што барателите на право на азил имаат право на бесплатна правна помош во сите фази од постапката, согласно со прописите за бесплатна правна помош.
Процедуралниот дел, пак, односно постапката од момент на поднесување на барањето за признавање на право на азил, до донесување на одлуката во редовна или итна постапка, како и можноста барателот на право на азил да поведе управен спор пред надлежен суд е уреден во посебна глава од законот.
Исто така законот содржи норми за заштита на малолетни лица, малолетни лица без придружба, лица со пречки во менталниот развој и процесно неспособни лица, како и ранливи лица со посебни потреби.
Во законот се разграничуваат правата и должностите на барател на право на азил и на лице за кое со решение му е признаен статус на бегалец или лице со статус на супсидијарна заштита.
Република Македонија од година во година се соочува со зголемување на бројот на барања на азил. Според податоците од 2009 година наваму бројот на истите е зголемен за повеќе од 10 пати. Особено изразено е зголемувањето последниве години, но анализата вели дека минимален е бројот на баратели кои чекаат целата процедура да заврши. Имено го користат сместувањето и третманот да воспостават нови контакти и да го продолжат своето патување. Така лани од страна на Министерството за внатрешни работи на 11 лица од Сирија им призна право на азил- признаен бегалец.
Барателите на право на азил имаат одредени права и должности меѓу кои од правата треба да се спомене: правото на престој, бесплатната правна помош, сместувањето и згрижувањето во Прифатниот центар или друго место за сместување утврдено од страна на Министерството за труд и социјална политика, правото на образование, правото на социјална заштита, право на основни здравствени услуги и др.
Право на престој, сместување, социјална заштита, здравствена заштита, право на работен однос и социјално осигурување имаат и лицата со веќе утврден статус на признаени бегалци, а дел од тие права имаат и лицата со статус на супсудијарна заштита.
Би сакала да го напоменам фактот дека за остварување на правата за сместување, социјалната заштита, здравствената заштита надлежен орган е Министерството за труд и социјална политика, а средства за финансирање се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.
По престанокот на право на азил Министерството за внатрешни работи во соработка со УНХЦР овозможува доброволно враќање на лицата во нивната земја на потекло.
Со овој закон е уредена и привремената заштита, која може да ја даде Владата во случај на масовен прилив на лица кои непосредно доаѓаат од држава во која нивните животи, безбедност или слобода се загрозени со војна, граѓанска војна, окупација, внатрешен конфликт пропратен со насилство или масовно кршење на човековите права.
Европскиот континент денес се соочува со огромен бран бегаци од кризните подрачја на Блискиот и Среден Исток, како и од регионот на Северна Африка. Овој, за жал, ескалирачки тренд бара поголема национална, но и меѓународна соработка. Не станува збор за локален проблем и несериозно би било да се негуваат надежи или очекувања дека преку локален пристап може да се најде конечно решение. Измените во Законот за азил кои ги донесовме веруваме дека ќе помогнат, но немаме илузија дека ќе го решат проблемот, македонија не е ниту прва, ниту финална дестинација на илегалните мигранти. Со измените веруваме дека илеганите мигранти ќе бидат помалку изложени на ризици и ќе имаат похуман третман, а од друга страна полицијата ќе добие подобар увид и посоодветна евиденција. Република Македонија, паралелно продолжува да презема засилени мерки за да ги заштити своите граници, особено јужната бидејќи најголемиот притисок доаѓа токму од соседна Република Грција која е членка на Европската Унија.
Пред три години Европската Комисија донесе три нови Директиви од областа на азилот кои се нови прописи и за земјите членки на ЕУ, а Република Македонија веќе почна со конкретни активности за нивно инкорпорирање во националното законодавство. Анализирајќи ја состојбата, увидовме дека овие мерки е потребно да бидат концепирани во нов Закон за азил и привремена заштита, кој е во подготовка и кој исто така ќе биде доставен на мислење до Европската комисија пред неговото конечно донесување кое што е предвидено за првата половина од 2016 година“.- истакна Илиеска.