Поради постоење основи на сомнение за сторени четири казнени дела „Тешка кражба“ и едно дело „Кражба“, СВР Охрид против С.А.(24) од Охрид поднесе кривична пријава. По основ на помагање на сторител во извршено кривично дело, во пријавата офатена е и К.Д. (18) од охридското село Велгошти.
Пријавениот С.А. кривичните дела ги извршил во текот на изминатите два месеца во различни временски периоди. Користејќи подесен алат и физичка сила, тој ги кршел бравите од влезните и балконските врати на становите и куќите во Охрид по што одземал пари, златен накит, мобилни телефони и други вредни предмети. На тој начин С.А. се стекнал со против-правна имотна корист од 97000,оо денари.
Преку отворена балконска врата С.А. влегол во стан на улицата „Охридати“ каде по брзото пребарување низ собите, пронашол 300 евра, 2000 денари и мобилен телефон. Тој, на истиот начин, влегол во куќа на улицата „Крсте Мисирков“ чиј сопственик се наоѓал во САД и од детската соба одзел 400 американски долари и 4000 денари. Од оваа куќа С.А. избегал скокајќи преку прозор од дневната соба. При извршувањето на кражбите С.А. пронаоѓал и одземал австралиски долари, албански леки и лични документи.
Второпријавената К.Д. која е опфатена со кривичната пријава, во временскиот период од 13 август до 10 септември оваа година, во својот дом го криела С.А. иако знаела дека избегал од казнено поправната установа во Струга каде бил на издржување казна затвор.