Во врска со извештајот за индексот на економска слобода на Фондацијата „Херитиџ“, премиерот Никола Груевски денеска рече дека тоа е одлична препорака за инвеститорите како за домашните, така и за странските и за сите оние што сакаат да прават бизнис во Македонија и со македонски компании.
„Морам да констатирам дека имаме причини да бидеме задоволни за периодот додека оваа политичка гарнитура ја предводи Владата. Имаме напредок од 96-то на 43-то место во светот, значи 53 места придвижување. Тоа е одлично. Не само што имаме огромно придвижување за релативно краток период, туку имаме најдобра позиција споредена со сите земји во него“, рече премиерот Груевски кој денеска присуствуваше на промоцијата на проектот „Превод на 1.000 стручни и научни книги“.
Подобро сме пласирани, како што посочи, од соседните земји – Словенија, Бугарија, Грција, Србија, Албанија и сите во целиот овој наш регион.
„Тоа е одлична препорака за инвеститорите како за домашните, така и за странските и за сите оние што сакаат да прават бизнис во Македонија и со македонски компании. Тоа е на некој начин резултат и на сите оние мерки кои во изминатиот период се преземаа. Тоа не доаѓа случајно, ниту пак по некој избор на среќа, туку со многу работа, со многу организација и со многу придвижувања, со многу труд. Тоа што е во извештајот на некој начин се рефлектира и во реалноста“, рече Груевски.
Македонија бележи подобрување во извештајот за индексот на економска слобода на Фондацијата „Херитиџ“, додека, пак, од Институтот „Като“ велат дека Македонија е најдобро пласирана држава од регионот.