Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, за време на неговото учество на тркалезната маса во Белград, Србија оствари одвоени средби со потсекретарот за мировни операции на Обединетите Нации, Херве Ладсу, како и со Иван Звержхановски, претставник на Центарот за мало и лесно вооружување на земјите од ЈИЕ, дел од Програмата за развој на ООН.
На средбата со потсекретарот Ладсу, министерот Јолевски посочи дека исто како што НАТО и Обединетите Нации придонесоа кон мирот и стабилноста во регионот, така и Македонија повеќе од една декада дава свој придонес за зацврстување на мирот на глобално ниво. Беа разменети мислења за мировните операции на светската организација, за специфичните потреби на овие мисии, за обуките кои се потребни за т.н. сини шлемови. Министерот Јолевски информира за формирање на Балканските медицински сили, чиј Штаб ќе биде во Скопје, а ќе бидат составени од медицински лица од земјите од регионот.
На средбата со Иван Звержхановски, претставникот на Центарот за мало и лесно вооружување на земјите од Југоисточна Европа, министерот Јолевски посочи дека соработката на двете институции во областа на контролата на малото и лесното вооружување, е на високо ниво и дека таа треба да продолжи да се развива и во иднина.
Дополнително, на средбата соговорниците разговараа и за потребата од интензивирање на родовата перспектива и родовата рамноправност во безбедносниот сектор, област во која Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се активно вклучени.