Започнa реализацијата на проектот за рехабилитација, надградба и реконструкција на железничките станици долж пан-европскиот коридор 10, вклучувајќи го и кракот 10-д во Македонија, согласно најдобрите практити во Европската Унија.
По објавениот оглас на интернет-страницата на Европската Комисија на кој се бараа компании кои директно ќе го имплементираат проектот, до крајниот рок за поднесување на понудите се пријавија вкупно 9 компании. Во тек е постапката за евалуација на пристигнатите понуди. Согласно динамиката на реализација на проектот се очекува евалуацијата да се заврши до крајот на годината и веднаш потоа да се избере компанијата која ќе го имплементира проектот.
Со проектот за рехабилитација, надградба и реконструкција ќе бидат опфатени 10 железнички станици и тоа: Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар.
За оваа цел, предвидено е реновирање и надоградба на сите главни елементи на железничките станици, како што се водоводната и електричната инсталација – вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, санитариите, инсталација на системи за греење и ладење, системи за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста за товарен транспорт и достапност и поврзување со патниот транспорт (јавен и индивидуален). Во рамките на проектот, меѓу останатото ќе бидат целосно заменети крововите, подовите, ќе се санираат фасадите и внатрешните ѕидови, ќе биде поставена нова термичка изолација и ќе се изградат нови тоалети.
Посебно внимание при реализирањето на овој проект ќе се обрати на подобрувањето на пристапноста за лицата со намалена подвижност.
На платото пред влезот во железничките станици од страна на улицата се предвидува рампа за непречен пристап, а поради сигурност платото е предвидено да се поплочува со тактилна предупредувачка лента по рабовите.
Целта на проектот е подобрување на целокупниот квалитет на услугите за патниците и карго-превозот, зголемувајќи ги техничките стандарди и капацитети на 10-те железнички станици кои се лоцирани на коридорот 10 и кракот 10-д во Македонија.