Македонија останува меѓу земјите со најдобри резултати на глобално ниво во реформите за олеснување на водењето бизнис, покажува најновиот Извештај на Светска банка „Дуинг бизнис 2015: Преку границите на ефикасноста“.
Рангирана е на 30. место, односно едно место погоре во однос на минатата година кога беше на 31. позиција.
Според Извештајот Црна Гора е на 36. место, Бугарија на 38., Романија на 48., Словенија на 51 место, Албанија на 68., Србија на 91 место и Босна и Херцеговина на 107 место.
Во Извештајот се додава дека пред 10 години во Македонија за почнување бизнис беа потребни 48 дена, а денес оваа постапка може да биде завршена за два дена.
„Земјата се приближи, исто така и кон најдобрите светски практики што е уште поважна мерка за напредок од самото рангирање со оглед дека тоа не зависи од релативните перформанси на останатите земји,“ се наведува во Извештајот.
Новиот Извештај покажува колку добро се снаоѓа секоја економија во однос на најдобрите глобални практики и највисоките перформанси за секој од индикаторите во сите економии опфатени со Дуинг бизнис.
Економиите на земјите се оценуваат на скалата од 0 до 100 каде 0 претставува најниски перформанси, а 100 врвната гранична вредност. Согласно Извештајот Дуинг бизнис 2015 Македонија на оваа скала е оценета со 74,1 процент што претставува подобрување од 1,4 проценти во однос на 2014 година.
„Македонија направи почнувањето бизниси да биде многу полесно со воведување бесплатна он-лајн регистрација на фирмите. Зајакната е заштитата на помалите инвеститори преку обезбедување претходен преглед на трансакции од страна на надворешен ревизор. Како резултат на тоа полесно се надминува несолвентноста благодарение на воведувањето на рамка за електронски аукции на имотот на должниците“.., се наведува во Извештајот.
Извештајот на Светска банка Дуинг бизнис ги анализира регулативите кои се применуваат во економијата за време на инвестицискиот циклус како што се почнување со бизнис, прекугранична трговија, плаќање на даноци и решавање на несолвентност. Со истражувањето кое е спроведено во периодот од јуни 2013 до јуни 2014 година опфатени се 189 економии во светот.