Земјоделци – Поднесете барање за паушално оданочување за 2014 година

Доколку обавувате земјоделска дејност и вашиот приход во 2014 година не надминува 1.300.000 денари, имате можност данокот на доход да го плаќате паушално.

Без разлика дали земјоделието претставува ваша основна дејност или истата ја вршите како дополнително занимање, регистрацијата за паушално оданочување ви овозможува персоналниот данок да го плаќате еднаш во годината и да немате дополнителни трошоци за водење на деловни книги.

КАКО ДА СЕ РЕГИСТРИРАТЕ ЗА ПАУШАЛНО ОДАНОЧУВАЊЕ?

Најдоцна до 31 јануари 2015 година на шалтерите на УЈП или по електронски пат преку https://etax-fl.ujp.gov.mk/, треба да поднесете:

1. Пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност (образец “УЈП-РДО/З“)

* преземете ја Пријавата преку веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/104

2. Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“)

* преземете го Барањето преку веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/103

Ако веќе сте регистрирани од УЈП и доделен ви е даночен број (ЕДБ) како вршител на земјоделска дејност, поднесете само Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“).

КОЛКУ ДАНОК ЌЕ ПЛАТИТЕ АКО СТЕ РЕГИСТРИРАН ВРШИТЕЛ НА ЗЕМЈОДЕЛСКА ДЕЈНОСТ ВО УЈП?

За земјоделците кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување се предвидени низа даночни поволности:

1) Земјоделие – ОСНОВНА дејност

• Целосно ослободување од персонален данок доколку вашиот приход во 2014 година изнесува до 300.000 денари.

• Доколку приходите кои сте ги оствариле се движат над 300.000 денари до 1.300.000 денари, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80% од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20% од остварените приходи.

Пример: Ако во 2014 година сте оствариле 1.000.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 20.000 денари.

2) Земјоделие – ДОПОЛНИТЕЛНА дејност

• Доколку вршите земјоделска дејност како дополнително занимање, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80% од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20% од остварените приходи.

Пример: Ако во 2014 година сте оствариле 200.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 4.000 денари.
• Ослободување од плаќање на данок на доход за субвенциите кои ви ги доделила државата.

ПОСЕТЕТЕ ГИ ОБУКИ ЗА РЕГИСТРАЦИЈА И ОДАНОЧУВАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ

Од ноември 2014 до јануари 2015 година, Управата за јавни приходи ќе организира обуки за земјоделците на тема: „Регистрација и паушално оданочување на земјоделци“.

Распоредот на обуките за земјоделците е објавен на веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/nastani/pregled

Пријавете се и посетете ја обуката во вашата општина/град и информирајте се за сите прашања во врска со постапките за регистерација, оданочувањето на приходите од вршење на основна и дополнителна земјоделска дејност, плаќање на персоналниот данок…

Корисни информации

За повеќе информации преземете ја брошурата „Паушално оданочување на приходи од земјоделска дејност” или контaктирајте ја УЈП преку е-пошта: info@ujp.gov.mk или Инфо центарот 0800 33 000.