Министерството за транспорт и врски подготвува документација за нов повик за избор на нискобуџетна авиокомпанија којашто со субвенции би воспоставила четири нови дестинации од Скопскиот аеродром, кон Шпанија и Норвешка, како и директна линија од Охридскиот аеродром до европска метропола. Во првата половина на следната година, според плановите на ресорното Министерство, се очекува да се распише повик и за избор на национален авиопревозник.
„Ќе бараме четири нови дестинации од Скопје, кон Шпанија и Норвешка, и една дестинација од Охрид. Ќе одиме повторно со субвенции, со колкав износ ќе бидат ќе видиме, но рамката е 5 милиони евра во наредните три години. Условите генерално се многу слични како и претходниот пат. Со тоа би се овозможиле нови линии за македонските граѓани, но исто така и зголемување на бројот на патниците“, изјави денеска министерот за транспорт Миле Јанакиески.
Според него, целта е летовите кон Шпанија и Норвешка да стартуваат од јуни или најдоцна од септември следната година, а покрај тие дестинации ќе се разгледаат и други.
Со субвенционирањето на директна авиолинија од Охрид, укажа Јанакиески, ќе се искористат капацитетите на Охридскиот аеродром. – Капацитетот на аеродоромот во Охрид се уште не е искористен до крај. Сакаме во наредниот период Охридскиот аеродром да заживее и да има директни линии од Охрид кон европски центри, пред се за развој на туризмот, рече Јанакиески.
Тој потенцира дека станува збор за нов повик на кој „Виз Ер“, авиокомпанијата којашто со субвенции од Владата реализира летови од Македонија, ќе нема предност во однос на останатите заинтересирани.
„Ова ќе биде повик за нови дестинации и многу сличен на минатиот, така што секоја авиокомпанија ќе може да се пријави. Никоја нема да има предност, туку сите ќе може да учествуваат бидејќи се работи за нов пакет. Воопшто нема да има никакви предности сегашната авиокомпанија која оперира од Македонија,“ рече Јанакиески.
Според него, Советот за јавни набавки до петок треба да се изјасни за документацијата за објавување на повикот за избор на консултантска компанија за воспоставување национален авиопревозник. Доколку Советот даде позитивно мислење наредната недела повикот ќе биде распишан, информира Јанакиески.
Ќе се бара, појасни, консултантска компанија со искуство во анимирање компании и знаење како да се воспостави национална авиокомпанија. Откако ќе се склучи договорт, избраната компанија заедно со Министерството за транспорт и концесионерот на скопскиот аерородм „ТАВ“ треба да анимираат што е можно поголем број компании, кои ќе понудат услови. Врз база на нивните услови и она на што ние можеме да го понудиме ќе се направи еден пакет кој потоа ќе биде презентиран пред јавноста и ќе распишеме јавен повик со кој ќе бараме национален авиопревозник, појасни Јанакиески, истакнувајќи оти се очекува јавниот повик за избор на национален авиопревозник да биде објавен во првата половина на следната година.
„Плановите за нови дестинации Јанакиески ги претстави по средбата со Јана Ивановска, милионитиот патник на Скопскиот аеродром годинава. Ако дозволат временските услови, според Јанакиески, до крај на годинава на „Александар Велики“ се планира бројка од милион и 200 илјади патници. -Тоа навистина е еден голем раст на бројот на патниците. Оваа година на аеродромот „Александар Велики“ растот на бројот на патниците ќе биде над 20 проценти и можам да кажам дека ќе биде шампион по раст на патници во регионот и поширокот“, наведе Јанакиески.