Првачињата од ОУ „Живко Чинго“- Велгошти учеа за правилата во сообраќајот

Денес, во училишниот двор на ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти, сообраќаен полицаец – претставник од СВР Охрид одржа предавање за учениците од прво одделение за безбедност во сообраќајот.

Преку практични примери и показни вежби најмалите ученици од ова училиште беа запознаени со правилата на движење во сообраќајот како пешаци, беа советувани како безбедно да се движат по коловозот и тротоарите, како да преминуваат на пешачки премин, како да ги почитуваат сообраќајните знаци и се’ она што може да ги заштити нив како учесници во сообраќајот. Исто така им беше укажано на нивните права и обврски како велосипедисти. Во кој случај и како смеат да се вклучат во сообраќајот како идни велосипедисти и на што треба да внимаваат. Учениците имаа можност да поставуваат прашања и да ја задоволат нивната љубопитност по однос на сообраќајот.

Ова е само една од редовните активности на ова училиште кои се планирани со годишната програма за работа, а се во соработка со јавни и државни институции, се со цел за зголемување на безбедноста на учениците.

WebOhrid