Австриски компании од градежништвото и инфаструктурата денеска на бизнис форум во Скопје се запознаа со можностите за вклучување во патните и железнички инфраструктурни проекти во Македонија.
Пред претставници на седум компании од Австрија тековните и идните градежни активности ги претстави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиeски, а нивните планови за соработка ги слушнаа 40-ина претставници од 28 домашни фирми.
Според министерот Јанакиески, бизнис форумот е одлична можност да се презентираат тековните и идните градежни активности и проекти во Македонија и да се дискутира за можностите за учество на австриски компании во изградба на автопатишта, магистрални и регионални патишта и железницата.
„Пред овие компании ќе биде презентиран новиот пакет патишта што ќе се градат во Македонија во периодот од 2015 до 2017 година, со вредност од 250 милиони евра, а кои се дел од нашата програма.“, изјави Јанакиески.
Тука, додаде, влегуваат неколку регионални и магистрални патишта и рехабилитација на автопатски делници,проектот за концесија на автопатската делница Кичево Гостивар кој е во подготвителна фаза, за изградба на дистрибутивната мрежа за гасификацијата, како и сите тековни проекти, изградбата на автопатиштата и поголем број магистрални и регионални патни правци, а ќе се презентираат и инвестицииите во железницата.
Герхард Шлатл, трговско аташе во Австриската амбасада во Скопје, истакна дека акцентот на бизнис форумпт и изборот на компании е на градежништвото и инфраструктурата затоа што веруваат оти тој сектор е многу важен за развојот на економијата на Македонија. – Особено во насока на претстојното финансирање преку ИПА 2 фондовите. Тоа значи дека големи средства од ЕУ ќе се влеат во РМ, а тоа е интересно за австриските фирми кои сакаат да соработуваат на ова поле, изјави Шлатл.
Во бизнис делагацијата што е во Македонија, истакна, се присутни избрани фирми кои може да се вклучат во проекти за градење патишта и железничка инфраструктура, како и специјализирани фирми за хидроенергијата и заштитата на животната средина.
Владимир Зибусески, претставник на австриската фирма „Талес“ смета дека на форумот ќе може да најдат силни локални партнери со кои би соработувале при реализација на проекти во Македонија.
„Мислам дека е направен добар избор на македонски компании со кои ќе комуницираме и понатаму за успешна соработка,“ рече Зибусески.
Според Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, растот пд 4,4 проценти на вкупната надворешна трговска размена со Австрија во првите девет месеци од годинава е добар показател и оти се продолжува со активности за уште подобри резултати.
„Задоволни сме од досегашната соработка, а како бизнис заедница секогаш кажуваме дека може повеќе. Кога ја гледаме размената според статистичките податоци можеме да констатираме дека за девет месеци од 2014 има зголемување кај извозот за 14 проценти, а кај увозот за 0,76 проценти, односно зголемување на вкупната надворешна трговска размена за 4,4 проценти. Ова зголемување не радува но продолжуваме понатаму“, изјави Георгиева.
Таа нагласи дека Австрија е важен надворешно трговски партнер на Македонија.
„Според податоците на НБРМ во 2011 година од оваа земја има најголеми инвестици со околу 64 милиони американски долари, а според податоците на Централниот регистар оваа земја е втор најголем инвеститор во Македонија, “рече Георгиева.
Бизнис форумот се одржа во организација на стопанските комори на Македонија и на Австрија и Австриската амбасада во Скопје.